Вицепремиерот Анѓушев: Постои голем потенцијал за зголемување на економската соработка помеѓу Иран и Македонија
Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања д-р Кочо Анѓушев учествуваше на бизнис форум помеѓу Стопанската комора на Македонија и Иранската комора за трговија, индустрија, рударство и земјоделство на која беа презентирани можности за зголемување на меѓусебната економска соработка помеѓу Република Македонија и Иран.
Вицепремиерот Анѓушев истакна моменталната економска соработка помеѓу двете земји не е на задоволително ниво, но и дека тоа не го гледа како проблем, туку како можност, бидејќи има голем потенцијал за унапредување на соработката. Моменталниот извоз на стоки од Република Македонија кон Иран изнесува околу 400 илјади долари, што претставува мал дел од вкупниот ирански увоз, кој е на ниво од околу 40 милијарди долари.
„Иран е голем пазар од 80 милиони потенцијални потрошувачи и за Република Македонија е голем предизвик да се зголеми економската соработка со оваа земја во двете насоки. Владата го овозможува тоа Преку имплементација на мерките од Планот за економски раст, односно преку Законот за финансиска поддршка на инвестициите, кој е во собраниска процедура и очекуваме да биде донесен до средината на месец мај. Иранските компании имаат можност да реализираат инвестиции во нашата земја, а преку мерките ќе може да очекуваат поврат од 10% од висината на инвестицијта. Од друга страна ги стимулираме и домашните компании технолошки да се развиваат и да станат поконкурентни со што ќе освојуваат нови пазари, односно ќе воспоставуваат соработка со компании од други земји“, посочи вицепремиерот Анѓушев.
Делегацијата на Иранската комора за трговија, индустрија, рударство и земјоделство ја предводи претседателот на комората г-дин Голам Хосеин Шофеи, а во текот на денот ќе се реализират и меѓусебни средби помеѓу ирански и македонски компании, на кои ќе се разговара за можности за воспоставување на меѓусебна соработка.