Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања д-р Кочо Анѓушев, денес се обрати на пленарната седница на Собранието на Република Македонија, на која во второ читање беше усвоен Законот за финаниска поддршка на инвестициите.
Вицепремиерот Анѓушев потенциреше дека станува збор за особено важен закон, максимално транспарентен и поддржувачки за сите компании кои работат во Република Македонија. Тој појасни дека со законот се изедначуваат домашните и странските инвеститори и дека аплицирањето за државна поддршка ќе се одвива според претходно дефинирани критериуми, односно компаниите е потребно да остваруваат пораст на приходите во тековната година, во однос на претходните три години, како и да не е намален бројот на вработени во истиот период.
„Владата е отворена за соработка со странските инвеститори. Единствено, Владата беше и ќе остане против неразумно трошење на народните пари и токму во тој дел ја критикувавме политиката на привлекување на инвестиции на претходната влада. Овој Закон е максимално поддржувачки за домашните, но и за странските инвестиции, дваесет од 23-те странски компании кои моментално работат, согласно проекциите би оствариле и повисока државна поддршка. Законот е усогласен и со Законот за државна поддршка, а во насока на подобрување на текстот на Законот усвоени се и номо-техничките сугестиии, кои беа доставени од страна на опозицијата на матичната комисија за економија“, заклучи вицепремиерот Анѓушев.
Пред поднесување на Законот за финансиска поддршка на инвестициите, Владата реализираше низа на активности, јавни дебати, дискусии, средби и состаноци со стопанските комори, академската заедница и невладиниот сектор и во согласност со добиените препораки и сугестии создаден е текст на Законот кој ги претставува реалните потреби на македонското стопанството. Со Законот се овозможува поддршка на производствените домашни и странски компании, а за компаниите од кожарската и текстилната индустрија олеснети се условите за аплицирање за добивање на државна поддршка.