Министерот за економија Крешник Бектеши на пленарна седница во Собранието на Република Македонија го претстави новиот Закон за енергетика. Пред пратениците, министерот Бектеши ги претстави аргументите зошто на земјата ѝ треба сосема нов закон за енергетика, и позитивното влијание што ќе го има овој закон врз граѓаните.
„Новиот Закон за енергетика на граѓаните им обезбедува сигурно и квалитетно снабдување со енергија, безбедно и ефикасно работење, одржување и развој на преносните и дистрибутивните системи на електрична енергија, природен гас и топлинска енергија, ги штити правата на корисниците на електрична енергијата - им овозможува на граѓаните право на избор, особено на ранливите потрошувачи, овозможува ефикасен, конкурентен и финансиски одржлив енергетски сектор и целосна либерализација на производството, снабдувањето и трговијата со енергија“, рече министерот Бектеши пред пратениците. Бектеши рече дека овој закон е во согласност со европското законодавство.
„Република Македонија, со новиот закон за енергетика ја презеде обврска за усогласување на националното законодавство со енергетското законодавство на ЕУ, со кој ќе биде извршено целосно усогласување со таканаречниот Трет пакет на директиви со кои се уредуваат енергетските пазари во ЕУ. Новиот закон создава законска рамка за натамошен развој на енергетскиот сектор во Република Македонија и негово целосно вклучување во регионалните енергетски пазари, а со тоа и во внатрешниот енергетски пазар на ЕУ“, рече Бектеши.
Од Законот за енергетика, освен домаќинствата, додаде Бектеши корист ќе имаат особено малите и средни претпријатија, кои, исто така, ќе имаат право да изберат снабдувач на електрична енергија и природен гас, а се предлага и усвојување на Годишен план со мерки кои ќе треба да се преземаат, за намалување на енергетската сиромаштија, вклучувајќи и субвенции за потрошена енергија посветена на семејства со економски потешкотии. Во текот на изградбата на нови објекти за производство на енергија и дистрибуција на електрична енергија со овој закон се бара исполнување на условите во поглед на заштита на животната средина и климатските промени, во согласност со посебните закони.
Истовремено, со цел да се постигне масовна употреба на обновливи извори на енергија, а и поради заштитата на животната средина, се предвидува освен производство на електрична енергија од обновливи извори на енергија наменета за лична потрошувачка, вишокот на енергија да се пренесува во дистрибутивната мрежа за електрична енергија под услови и во согласност со овој закон.