Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, заедно со министрите Љупчо Николовски и Роберт Алаѓозовски, заменикот министер Јани Макрадули и советниците Драган Јованов и Цветанка Ласкова, денеска оствари работна средба со градоначалникот на Дојран, Анго Ангов.
На средбата присуствуваа и претставници од граѓанскиот сектор од општина Дојран.
На средбата градоначалникот информираше за тековните активности и реализацијата на проектите кои се од интерес на граѓаните на општина Дојран.
Посебно ја акцентираше потребата од пречистителна станица, а исто така апелираше за помош од Владата за подмирување на долгот што општината го има кон Европската Унија, проблем, наследен од минатата локална власт.
Премиерот Зоран Заев, информираше дека за овој проблем Владата има решение и работи на правно формалните механизми за да му помогне на Дојран да го зачува својот углед пред европските институции и да може да продолжи да работи на проектите коишто се важни.
„Министерството за локална самоуправа веќе има изнајдено начин како Владата да интервенира и да го реши овој проблем со долгот на општината кон Европската унија. Тоа е важно за да може Дојран и во иднина да добива проекти и да не го наруши својот рејтинг пред Европската унија. Нашата цел како Влада е рамномерно да ги развиваме нашите бисери“, рече премиерот Заев.
Со претставниците на граѓанскиот сектор се разменија мислења за мерките коишто се преземаат или треба да се преземат за поголема еколошка заштита на Дојранското езеро.