Премиерот Заев на македонско-турските пролетни веселби Х'дерлез што влегоа на листата на УНЕСКО: Чалакли од валандовско, денеска е една од точките во светот на заеднички култури, вредност сме за Европа

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, заедно со министерот за култура, Роберт Алаѓозовски, претставници на Владата, пратеници од Собранието на Република Македонија, локалната самоуправа во Валандово, денеска присуствуваше на свеченото отворање на 27. Меѓународен фестивал Пролетни веселби во чест на празникот Х'дерлез, во валандовското село Чалакли.

 

 

На настанот со меѓународно значење, со оглед дека по заедничка апликација на Република Македонија и Република Турција, во декември 2017. година, УНЕСКО го запиша во Репрезентативната листа за нематеријално културно наследство, присуствуваше ополномоштен претставник од УНЕСКО од Турција, претставници од амбасадата на Република Турција во Република Македонија, на културно-уметнички друштва на двете земји, гости, медиуми.

„Ете ова е нашата убава Република Македонија. Овде сум, во валандовско Чалакли и ќе речам: Да е Честит Х`дерлез, среќа и бериќет за сите. Да бев во скопско Шуто Оризари, ќе кажев: Да е честит Ѓурѓовден, и пак со истата желба, среќа и берикет за сите. Можам да кажам и: Нека е честит Денот на Свети Ѓоргија, што се чествува во многу семејства во Македонија. Што и да кажам, нема да згрешам. Еве го нашето едно општество – на дело“, рече премиерот Заев во воведното обраќање.

Претседателот на Владата, Заев, додаде дека „овој спој на различности, обичаи, старини, традиции, бои, вкусови во Македонија - е Европа во мало и ова, непроценливо културно – историско богатство, Република Македонија е подготвена да го сподели со Европската унија, кон каде што стремиме како граѓани и како држава".

„Ќе им додадеме вредност на Европската унија и на светот, знаат и тие. Затоа што Република Македонија докажа, како, ако се има желба да се сака, живее и работи заедно – може“, рече премиерот Заев.

Тој изрази благодарност до УНЕСКО што организацијата го препозна значењето на Хид Бах Шен фест, како што е називот на настанот и ја прифати мултинационалната апликација.

„За прв пат, оваа 2018 година, Х`дерлез во Чалакли, Република Македонија се организира под покровителство и на УНЕСКО.

Чалакли од валандовско, денеска е една од точките во светот на заеднички култури.

Ова заедничко организирање е порака за продлабочување на културната соработка меѓу Македонија и Турција на дело, рече премиерот Заев.

Претседателот на Владата, Заев додаде дека во високите приоритети на Владата е изградбата на општество еднакво за сите што вклучува и овозможување еднакви културни права за сите.

„Културата во Македонија е сплет на повеќе културни традиции и затоа се заложуваме за афирмација на интеркултурата. Во интеркултурното општество, учиме еден од друг, меѓусебно си влијаеме, стануваме подобри луѓе и граѓани, грижејќи се едни за други.

Уверен сум дека Хид Бах Шен фест и натаму ќе се развива и ќе биде охрабрувачки пример за останатите помали заедници и региони да блеснат со својата оригиналност.

Од Чалакли ја испраќаме пораката до светот дека се остварливи заложбите на УНЕСКО за поедноставно решавање на секоjдневните животни предизвици, низ јакнење на интеркултурниот дијалог и унапредувањето на меѓународната соработка. Честит Х'дерлез! Hıdırellez Kutlu Olsun“, порача во обраќањето премиерот, Зоран Заев.

На Пролетните веселби во Чалакли што традиционално ја слават пролетта, а жителите си посакуваат богат род и благосостојба во семејствата се обрати и министерот за култура, Роберт Алаѓозовски.

„Оваа мултинационална апликација што ја поднесовме со Република Турција, како и другата успешна апликација за впишување на обичајот „Мартинки“ во листата на УНЕСКО на која работевме заедно со институциите на Бугарија, Романија и Молдавија, претставуваат вистински патоказ за правецот во кој треба да се развива регионалната соработка“, порача министерот Алаѓозовски.

Културата е поле преку кое најдобро се изразуваат верувањата, светогледите, потребите во општествениот живот и "културата на помалубројните заедници е големо богатство на Македонија, таа заслужува почит", дополни министерот Алаѓозовски.

Тој порача дека преку поддршката на Владата на Република Македонија и Министерството за култура на фестивалот во Чалакли, уште еднаш е истакната недвосмислена заложба на Владата за унапредување на правата на сите граѓани на Македонија, за изградба на едно општество, со еднакви права.

„Тоа го покажавме преку давање поддршка на различни манифестации на културата и уметноста на помалубројните заедници, како и преку нивното вклучување во сите важни стратешки процеси. Ве уверувам дека нашата посветеност за поддршка и одржливост на културата на помалубројните заедници ќе расте и дека активностите за унапредување на културата на нашите сограѓани од помалку бројните заедници ќе се интензивираат“, рече во обраќањето министерот Алаѓозовски.

Градоначалник на општина Валандово, каде се одржа настанот со меѓународно значење, Перо Костадинов, порача дека општината ќе продолжи да ги поддржува вековните традиции. "Ќе ги поддржуваме различностите, како низ овој настан, со тоа покажуваме дека како народи цивилизациски сме израснале", рече Костадинов.

На манифестацијата, претседател на фестивалот, Шенол Тахир појасни дека манифестацијата почнала пред 30 години, како Панаѓур, а денес е под заштита на УНЕСКО и порача тој да биде пример како ако нешто се сака, дека во тоа може да се опстои и да се постигне успех.

Ирфан Насраттиноглу почесен претседател на Фестивалот и почесен претседател на Фолклорно-истражувачко биро од Анкара се заблагодари што е прогласен и за почесен граѓанин на Валандово, како и среќен што се остварени неговите заложби, фестивалот да добие меѓународно значење.

Претседателот на организацијата МАТУСИТЕБ, Хусрев Емин посочи дека овој настан денеска во Чалакли е слика за мултикултурализмот во Република Македонија и му се заблагодари на премиерот Заев, како прв претседател на влада на Република Македонија, кој е присутен на фестивалот.

Ополномоштениот претставникот од УНЕСКО од Турција, Метин Екиџи, соопшти дека носи топли поздрави од секој град од Република Турција. „Значењето да се биде на оваа листа на УНЕСКО, значи даден збор пред светската јавност дека ќе го развиваме и чуваме ова заедничко добро“, порача претставникот на УНЕСКО, Екиџи.

На Пролетните веселби во чест на Х'дерлез во Чалакли, валандовско, настапија културно - уметнички друштва од Македонија и од Турција, како и други земји од регионот, имаше изложба на стари, традиционални јадења и фотографии, беа доделени плакети, а беше врачен и Сертификатот од УНЕСКО со којшто Пролетните веселби во Чалакли се признаени од оваа светска организација за заштита на културното наследство, во листата нематеријално културно наследство на човештвото.

 


 

Интегрално обраќање на Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев за време на свеченото отворање на 27-от Меѓународен фестивал Пролетни веселби „Хид Бах Шен Фест“

 

 

Ете ова е нашата убава Република Македонија.
Овде сум, во Валандово во Чалакли и ќе речам: Да е Честит Х`дерлез, среќа и бериќет на сите.

Да бев во скопско Шуто Оризари, ќе кажев: Да е честит Ѓурѓовден, и пак со истата желба, среќа и берикет за сите.
Можам да кажам и: Нека е честит Денот на Свети Ѓоргија, што се чествува во многу семејства во Македонија.

Сите граѓани, од различни националности и вери, кој од овие благослови и да си го упати, ќе има исто значење: слава на пролетта, богат род, благосостојба во семејствата.

Затоа, што и да кажам, нема да згрешам. Еве го нашето едно општество – на дело.

Овој спој на различности, обичаи, старини, традиции, бои, вкусови во Македонија - е Европа во мало. Ова, непроценливо културно – историско богатство, Република Македонија е подготвена да го сподели со Европската Унија, кон каде што стремиме како граѓани и како држава.

Со ова наше културно богатство ќе им додадеме вредност на Европската Унија и на светот, знаат и тие. Затоа што Република Македонија докажа, како, ако се има желба да се сака, живее и работи заедно – може.

Изразувам благодарност до УНЕСКО што го препозна значењето на овие Пролетни веселби на Хид Бах Шен фест во Чалакали, во декември 2017 година, ја прифати мултинационалната апликација од Република Македонија и од Република Турција - и го запиша прославувањето на Х`дрелез во Репрезентативната листа на УНЕСКО за нематеријално културно наследство.

За прв пат, оваа 2018 година, Пролетните веселби за Х`дерлез во Чалакли, Република Македонија се организираат под покровителство и на УНЕСКО и за тоа сме многу среќни.

Чалакли од валандовско, денеска е една од точките во светот на заеднички култури.

Ова заедничко организирање на Меѓународниот фестивал на Пролетните веселби во Чалакли е порака за продлабочување на културната соработка меѓу Република Македонија и Република Турција – исто така, потврдено на дело. Ова е доказ за нашето големо пријателство.

Затоа, почитувани граѓани, почитувани учесници и гости на оваа манифестација којашто ја слави пролетта, претседател на фестивалот, Шенол Тахир, Ирфан Насраттиноглу почесен претседател на Фестивалот и почесен претседател на Фолклорно-истражувачко биро од Анкара, претседател на организацијата МАТУСИТЕБ, Хусрев Емин, претставник од УНЕСКО од Турција, Метин Екиџи, министер во Владата на Република Македонија за култура, Роберт Алаѓозовски, пратеници од Парламентот, почитувани претседатели на политичките партии, почитуван член од Уставниот суд на Република Македонија, почитувани претставници од амбасадата на Република Турција во Република Македонија, градоначалник на општина Валандово, Перо Костадинов, претставници на културно - уметничките друштва, претставници на медиумите,

Ми претставува голема чест и задоволство, во името на сите граѓани на Република Македонија и на Владата на Република Македонија, да ве поздравам и да изразам желба за успешно продолжување на оваа прекрасна традиција, за овој крај, за нашите сограѓани, за пријателството меѓу Македонија и Турција, а од декември 2017 и за Европа и светот.

Честитам од срце на сите кои се ангажираа манифестацијата да влезе под закрила на УНЕСКО. Очекуваме, овој успех да го афирмира овој регион и значајно да придонесе во севкупниот негов развој.

Владата на Република Македонија, како држава членка на УНЕСКО, секогаш обрнува големо внимание на соработката со Организацијата и активно ги промовира и ги имплементира нејзините активности и иницијативи во областа на културата, образованието, науката, комуникациите, информациите, програмите за млади и за граѓанското општество, човековите права, како на национално, така и на регионално и меѓународно ниво.

Во високите приоритети на Владата е изградбата на општество еднакво за сите. А тоа подразбира дека и во културата се раководиме од визијата за демократско општество, базирано на рамноправни принципи за сите граѓани подеднакво.

Денеска уште еднаш покажуваме на дело дека сме одлучни и во овозможувањето еднакви културни права за сите и негување на слободата и разноликоста на творештвото на културните идентитети.

Културата во Македонија е сплет на повеќе културни традиции и затоа се заложуваме за афирмација на интеркултурата. Во интеркултурното општество, учиме еден од друг, меѓусебно си влијаеме, стануваме подобри луѓе и граѓани, грижејќи се едни за други.

Уверен сум дека Хид Бах Шен фест и натаму ќе се развива и ќе биде охрабрувачки пример за останатите помали заедници и региони да блеснат со својата оригиналност.

Од Чалакли ја испраќаме пораката до светот дека се остварливи заложбите на УНЕСКО за поедноставно решавање на секоjдневните животни предизвици, низ јакнење на интеркултурниот дијалог и унапредувањето на меѓународната соработка.

Ви благодарам и посакувам успешна реализација на овогодинешниот фестивал.

Честит Хдрелез! Hıdırellez Kutlu Olsun!

 


 

Интегрално обраќање на министерот за култура, Роберт Алаѓозовски, за време на свеченото отворање на 27-миот Меѓународен фестивал Пролетни веселби „Хид Бах Шен Фест“

 

 

Почитуван г. Зоран Заев, претседател на Владата на Република Македонија, почитувани пратеници во Собранието на Република Македонија, почитувани колеги министри и членови во Владата на Република Македонија, почитуван градоначалник на Општина Валандово, Перо Костадинов, почитувани екселенции, почитувани претставници на граѓанскиот сектор и медиумите, драги учесници и гости,

Големо е задоволството да се присуствува на овој уникатен фестивал, особено откако успеавме прославувањето на „Х’дерлез“ да го впишеме во Репрезентативната листа на УНЕСКО за нематеријално културно наследство на човештвото. Оваа мултинационална апликација што ја поднесовме со Република Турција, како и другата успешна апликација за впишување на обичајот „Мартинки“ во листата на УНЕСКО на која работевме заедно со институциите на Бугарија, Романија и Молдавија, претставуваат вистински патоказ за правецот во кој треба да се развива регионалната соработка.

Воедно, би сакал да истакнам дека преку поддршката на Владата на Република Македонија и Министерството за култура за овој фестивал, уште еднаш сакаме да ја демонстрираме нашата недвосмислена заложба за унапредување на правата на сите граѓани на Македонија, за изградба на едно општество, со еднакви права, за сите нас.

Културата е инструмент, поле преку кое најдобро се артикулира и се восприема различноста. Преку нејзината универзалност, сите ние, без оглед на припадноста, ги изразуваме нашите особености, верувања, сништа. Културата на помалку бројните заедници е големо богатство на Македонија, таа заслужува почит и внимание.

Не само поради бројните истакнати уметници и културни работници, со чии вредни дела Македонија се гордее, се промовира и позиционира на светската културна мапа. Таа ризница е важна за сите нас и служи како постојан потсетник и инспирација.

Ако ги согледаме состојбите и активностите за унапредување на културата на помалку бројните заедници, можеме да речеме дека како држава сме направиле многу, но нема дилеми дека можеме да направиме многу повеќе, особено во делот на практично функционирање.

Како пример, би ја истакнал Управата за афирмирање и унапредување на културата, чијшто директор Менфи Илијаз е со нас, кој што направи еден развоен план како оваа управа подолго да функционира и ние тоа ќе го направиме.

Во изминатите месеци, Владата на Република Македонија и Министерството за култура ја демонстрираа и во практика заложбата за едно општество за сите. Тоа го покажавме преку давање поддршка на различни манифестации на културата и уметноста на помалку бројните заедници, како и преку нивното вклучување во сите важни стратешки процеси.

Јас кога учев во петто одделение во Валандово имав четири пријатели од турската националност од Валандовско. Сега колку што знам, сите се иселени во Турција. Идејата за поддршка на овој фестивал и идејата за развивање на едно општество за сите е токму следните генерации да не доживеат нивните другарчиња од овие села да се иселуваат во Турција, туку да останат тука. А со заедничка соработка со Република Турција да го развиваме и идентитетот и еднаквоста и различноста.

Ви благодарам.