Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев денеска се сретна со претставници на реномираната адвокатска групација ЦМС со седиште во Брисел, претставена преку извршниот директор Корнелиус Бренди, и Мајкл Бауер и Марта Вејсели од канцеларијата за европско право.
Претставниците на европската адвокатска компанија со премиерот Заев разговараа за нивното правно искуство во локални и прекугранични проекти и спорови, кои ги остваруваат преку својата мрежа од околу 5.000 адвокати и правници.
Премиерот Заев, оценувајќи дека Македонија треба да го искористи моментумот и реалната шанса која сега ја има за исполнување на стратешката цел - почеток на преговорите и зачленување во Европската унија, рече дека секоја правна помош кон европскиот пат е добредојдена.
Премиерот Заев со адвокатите разговараше за предизвиците кои ги имаат домашните и странски компании и инвеститорите, како на локалниот така и на европските пазари на капиталот, заклучувајќи дека експертизите на големите организации можат многу да помогнат во разни индустриски и други сектори.