Обраќање на Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев на свеченото отворање на Мајски оперски вечери 2018
Оваа сала на Македонската опера и балет вечерва во Скопје е гласот на Европа.
На Денот на Европа, 9. мај, Република Македонија, главниот град на државава, Македонската опера и балет, имаат голема чест да се достоинствени домаќини на врвни уметници од нашата земја, од држави од регионот, од Европа и пошироко: Македонија, Бугарија, Италија, Австрија, Босна и Херцеговина.
И подигнувањето на гласот што ежи, низ една од најсложените културно-уметнички, музичко-сценски, вокално-инструментални дела, операта, здружено во различностите, испраќа силна порака за сите: Цело е кога има сѐ.
А културата го знае најдобро, тоа што политиката се обидува да го прави: Да зближува, да разбира, да почитува, да негува, да гради - мостови на пријателства, на доверба и на иднина.
Затоа, мојата порака вечерва е:
Да слушнеме што воспеваат Мајските оперски вечери од Скопје, што нѐ прават достоинствени:
-Тоа е непроценливото богатство на различностите, споени во едно.
-Тоа е нашата заедничка европска иднина, почитувани учесници на манифестацијата, гости, присутни.
Годинешното отворање на Мајските оперски вечери, една од најпрестижните музичко-сценски манифестации во земјава и една од ретките од ваков вид во Европа, е 46-то по ред.
Зад нас се 45 изданија на Мајските оперски вечери, во 71-годишното постоење на институцијата Македонска опера и балет. Плејадата домашни уметници и стотици ѕвезди од целиот свет досега настапија на оваа манифестација, којашто е фестивалски факел од Скопје и Македонија во светската уметност.
Првите генерации оперски и балетски уметници во Македонија, поставија трајни и високи вредности, со што нѐ задолжија сите - да ја развиваме манифестацијата на “даските што живот значат“.
И Мајските оперски вечери, со сите подеми и падови, како што се расте, сепак успеаја да останат верни на својата базична идеја за космополитизам, за пријателство со целиот свет, за блиска соработка со регионот и со Европа.
Република Македонија треба да е горда што сите овие години успева во светски рамки да ја одржи комплексната и секогаш инспиративна и креативна, оперска уметност, низ организацијата и реализацијата на Мајските оперски вечери.
Нема да се враќаме назад дали можело повеќе и подобро.
Оваа Влада е цврсто решена да гради интеркултура и да негува мултикултура. Ги знаеме вредноста и моќта на јазикот на културата, и ќе направиме сѐ, како држава и како граѓани да говориме со тој европски јазик на поврзувањето, а не на поделбите.
Затоа Владата на Република Македонија и Министерството за култура имаат и ќе имаат целосно разбирање за постојаните напори на Македонската опера и балет и на Мајските оперски вечери, не само да опстојат, туку и во создавањето нов квалитет.
Тоа ќе го направиме низ уште поактивна поддршка на креативните потенцијали и преку воспоставување стратешки механизми за поддршка и развој на вредните проекти, вклучувајќи ја и оваа значајна и реномирана манифестација со богата културна домашна, европска и светска традиција.
Ова издание на Мајските оперски вечери се вклучи и во инцијативата за Европски оперски денови, ја одбележуваме и Европската година на културното наследство, а преку изложби и промоции ќе се потсетиме и на некои од столбовите на Операта и на Балетот во Република Македонија што ни овозможуваат, нам и на следните генерации, да бидеме рамноправен актер на меѓународната културна и музичка сцена и дел од современа Европа.
Сега ве поканувам со аплаузи да ги поздравиме уметниците кои се втемелија во седум децениското постоење на Македонската опера и речиси половина век од постоењето на Мајските оперски вечери.
На сегашните и на идните генерации посакуваме да бидат достојни на традицијата и за вниманието на публиката, којашто интензивно, сите години досега е вистинската и најголема поддршка на уметниците на сцената на МОБ.
Нека е со среќа отворањето на Мајските оперски вечери!