Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев денеска имаше свое обраќање на годишното изборно собрание на Македонско-бугарската стопанска комора во коешто истакна:
На самиот почеток дозволете да му го честитам изборот за нов претседател на Македонско-бугарската стопанска комора на Кирил Лазаров и да му посакам успешна работа.
Сакам да ви оддадам признание на вас членките на Македонско-бугарската стопанска комора и да ви укажам на вашата значајна улога во зајакнувањето на соработката со нашата соседна земја, Република Бугарија. Во иднина вашата работа ќе претставува значаен јазол којшто ќе ги поврзува земјите и бизнисот на економски план.
Лично јас негувам огромна надеж токму преку овој состав денеска овде присутен дека ќе го оправда тоа што ние политичарите сме должни да го овозможиме, а тоа е да го отвориме патот за бизнисот, профитот, работните места, бруто домашниот производ и меѓусебната трговска размена.
Владата на Република Македонија е цврсто решена да ги отвори перспективите за бизнисот и економијата. Прв храбар чекор на тој пат беше потпишувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Република Бугарија.
Преку градење на политички мостови кои нѐ спојуваат настојуваме да постигнеме економски резултати кои се важни за подобрување на животниот стандард на граѓаните од двете земји. Потпишавме повеќе меморандуми и договори и ги отворивме сите фронтови за соработка со нашиот добар сосед Бугарија.
Резултати од таквите храбри чекори веќе се чувствуваат. Охрабрувачки се последните податоци кои покажуваат дека по потпишувањето на Договорот за соработка, пријателство и добрососедство со Република Бугарија имаме зголемување на обемот на трговската размена.
Очекувам таа соработка уште посилно да се интензивира. Вашата улога како комора која ги поврзува бизнисите и економските субјекти од двете земји ќе биде екстремно значајна.
Сигурен сум дека и во иднина многу компании од Бугарија ќе ја препознаат нашата земја како стабилна и долгорочна дестинација и ќе инвестираат во Македонија. Како што се многу примери, на досегашни компании, едно од тие е Минстрој на господинот Волканов. Мое очекување е да се отворат многу пазари и полиња на соработка и за македонските компании и во Република Бугарија.
Должност на политичарите, на нас е да ги отворат можностите, а должност на стопанствениците е да ги зграбат таквите можности.
За таа цел, ве повикувам да го искористиме овој поволен момент за нови инвестиции.
Македонија широко ги отвори вратите за нови инвестиции. Мерките за поддршка за раст на конкурентноста и нови инвестиции предвидени во Планот за економски раст ви стојат на располагање. Сите компании добиваат третман на домашни компании. Бугарските компании овде во Македонија и ги чувствуваме како домашни компании досега. Во палетата мерки за поддршка ви стојат на располагање и мерките за поддршка на пораст на платите.
Ве повикувам да ги разгледате можностите што ви се нудат и со ваша нова инвестиција да бидете дел од една успешна економска приказна овде на Југоисточна Европа.
Инвестициите и членството на Република Македонија во НАТО и ЕУ се важни за економскиот развој на нашата држава, како и за остварувањето на нашите стратешки цели и секој искрен пријател на Македонија е драгоцен наш пријател, а посебно кога станува збор за голем пријател како што е Република Бугарија.
Уште еднаш упатувам честитки за изборот на вашиот нов претседател и очекувам и понатаму успешна и плодоносна соработка со Македонско-бугарската стопанска комора.