МОН препорача второто полугодие да почне во понеделник
Министерството за образование и наука препорача второто полугодие на учебната 2011/2012 во сите основни и средни училишта во Македонија да почне во понеделник, наместо во петок, поради екстремно ниски температури во некои општини, пред се во западниот дел на државата.
Министерот Панче Кралев на прес-конференција рече дека препораката се должи на голем број барања на градоначалници и директори на училишта во општините во кои овие денови е многу студено.
МОН препорачува додадениот ден во зимскиот распуст учениците и наставниците да го одработат во април.
- Ова беше разгледено на вчерашната седница на Владата и со оваа препорака им излегуваме во пресрет на општините... Веруваме дека сите општини ќе донесат одлука за одложување на наставата од понеделник. Ова не можеме да го наметнеме и затоа даваме препорака, исто како што направивме и за превисоките температури на почетокот на учебната година, рече Кралев.
Препораката е испратена до сите училишта и министерот рече оти очекува тие уште денеска да донесат одлука за почеток на наставата на 23 јануари.
Кралев додаде дека препораката е во согласност со прогнозите од метеоролозите кои предвидуваат студениот бран да трае до крајот на неделава.