Со донација од НАТО ќе се реконструираат мостови и патната инфраструктура во земјава
Со донација од НАТО во вредност од 8,6 милиони евра во наредниот период ќе се реконструираат мостови и патната инфраструктура во земјава. Ќе бидат опфатени минимум 13 мостови. Проектите ќе се изработуваат оваа година, а изградбата наредната година.
Ова, како што изјави министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, е констатирано на денешната седница на Економскиот совет на Владата на Република Македонија.
- Нашата цел е покрај мостовите да се реконструира и патната инфраструктура на делницата од Велес до Скопје. Сега се реконструира патниот правец од Скопје кон Велес. Останува во наредниот период на техничко ниво да се договорат сите детали. Она што нема да го реконструира НАТО ќе оди преку Агенцијата за држави патишта. Сепак, нашата крајна цел е кон крајот на 2014 година да ги имаме целосно санирани и патниот правец од Скопје кон Велес и од Велес кон Скопје кои се во една лоша состојба, изјави министерот Јанакиески.
Тој додаде дека проектот, кој е трета фаза, НАТО го одобри на многу дописи и барања од Владата, бидејќи, како што рече, тоа беше обврска во нивниот меморандум за разбирање.
На седницата, како што информира, станало збор и објавите за локации за отворање откупно дистрибутивни центри и тоа во Ресен за каде објавата е до 16 февруари и за Валандово и Чешиново-Облешево за што објавите се до 7 февруари. Сите објави се доставени до Агенцијата за привлекување странски инвестиции и Министерството за надворешни работи со цел да се анимираат повеќе странски инвестиции.
Министерот потсети дека досега во текот на 2011 година се продадени пет локации за откупно-дистрибутивни центри во Штип, Струмица, Чешиново-Облешево, Кочани и Врапчиште.
Економскиот совет се состанува тековно еднаш неделно каде се дискутира за поголем број економски теми со цел побрз економски развој на Македонија. Денеска, информира министерот Јанакиески, направена е ревизија на заклучоците од 2011 година и нивната реализација, а разгледана е и макроекономската состојба.
Одговарајќи на новинарско прашање за анализата на Европската комисија во која Македонија по Турција има најголем раст во 2011 година од земјите кандидати и потенцијални кандидат за ЕУ, рече дека тоа е потврда за добрите економски политики на Македонија и стимул за економските министри да продолжат со нивните активности со цел забрзан економски раст.
– Еден од резултатите на овој Економски совет е точно растот на БДП во Македонија. И натаму со конкретни мерки ќе се заложииме да го одржиме овој економски раст како и да го зголемиме и да се оствари оној раст кој е проектиран од Владата за 2012 година, изјави министерот Миле Јанакиески.