Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања и координација со економските ресори, д-р Кочо Анѓушев денеска одржа прес-конференција на којашто најави две нови странски инвестиции и даде осврт за објавените податоци од НБРМ за најголемиот износ од 235 милиони евра на странски директни инвестиции во првиот квартал од 2018 година.
„Ја имам таа чест денеска во име на Владата и на економските ресори да ја објавам веста којашто произлезе од анализата на НБРМ, а тоа е дека првиот квартал во 2018 година е најуспешниот квартал од аспект на директни странски инвестиции од било кој квартал тргнувајќи од 2007 година, последните 12 години. А воедно истиот квартал по странски инвестиции од вкупно 235 милиони евра е поголем од цела 2017 година, а можеме да ја споредуваме и со 2010, 2012, 2014 година. Само првиот квартал во 2018 година е поголем по странски инвестиции од цели години наназад во последните 12 години“, соопшти вицепремиерот Анѓушев.
Вицепремиерот Анѓушев потенцираше дека овој објавен податок е непоборлив факт и одговор на сите неаргументирани напади за економското работење на Владата на Република Македонија.
„Политиките што ги водиме се транспарентни и се одразуваат преку Законот за финансиска поддршка на инвестициите, промената во Законот за енергетика и сите останати мерки коишто ги преземавме преку Фондот за иновации и технолошки развој полека се препознаени од домашните и странските инвеститори и тие даваат резултат. Тој резултат никогаш нема да стигне преку ноќ, но ќе дојде и бројките резултатот ќе го покажат“, порача вицепремиерот Анѓушев и соопшти дека во Македонија влегуваат две нови странски инвестиции за кои на Комисијата за економски совет се донесени препораки до Владата да ги усвои договорите за државна помош.
Вицепремиерот Анѓушев сподели информација дека една од двете нови странски инвестиции е „Zenith international“ којашто ќе биде во износ од 3 милиони евра и ќе произведува греачи за болјери, а другата е „Balkanlar plastic“ во вредност од 8 милиони евра којашто ќе произведува амбалажа од пластика.
„Владата во моментов разговара со над 200 компании, а со 30-тина компании е во завршна фаза на разговор. Сакам да споменам дека само во една година е извесно потпишување на 16 договори, од кои веќе 12 се потпишани, 4 во завршна фаза, за кои потпишувањето ќе биде во наредните неколку недели, а имињата ќе ги објавуваме транспарентно како што ќе бидат носени одлуки на Влада“, рече вицепремиерот Анѓушев и потенцираше дека овие инвестиции се донесени без потрошени народни пари за роудшоуа, без трошоци за маркетинг и промоција и објасни дека ваквиот успех се должи на вредното работење Дирекцијата за технолошки развојни зони, на економските ресори и на кабинетите на економскиот тим во Владата на Република Македонија.