Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска денеска присуствуваше на отворањето на новата градинка „Објектот 8 - Бамби“ во Општина Чашка.
Изградбата и опремувањето на градинката Бамби се обезбедени со средства на Министерството за труд и социјална политика, во вкупен износ од 3.072.647,00 денари. Се работи за наменски адаптиран простор на површина од 94,15 м2 и двор од 275 м2, кој ќе функционира во рамки на ЈОУДГ „Димче Мирчев“ Велес. Тука ќе се згрижуваат до 50 деца, организирани во 2 групи, на возраст од 2 до 6 години, односно до вклучување во основно образование, согласно Законот за заштита на децата.
На отварањето министерката Царовска речe: „Министерството за труд и социјална политика издвои буџетски средства за реконструкција на овој објект и денес со задоволство можеме да кажеме дека за прв пат се отвора градинка во Општина Чашка. За нас е од особено значење сите деца подеднакво, и од урбани и од рурални средини, да имаат право на предучилишно образование што не беше случај во изминатите години, но ние како Влада имаме заложба за рамномерен регионален развој и токму затоа во изминатите 6 месеци даваме фокус на отварање на градинки во рурални средини”.
На отворањето присуствуваше и министерот за финансии Драган Тевдовски, кој најави поддршка за општините за изградба на нови градинки и реновирање на постоечки објекти во институции за деца од предучилишна возраст.
Во Општина Чашка досега не постоеше објект за згрижување и воспитание на деца од предучилишна возраст. Новата градинка значително ќе придонесе за зголемување на згрижувачките капацитети во велешкиот регион и за реализација на една од програмските цели на Владата - да се зголеми опфатот на деца во предучилишно образование за 50% до крајот на мандатот.