Прес-конференција на министерот за здравство Венко Филипче во Влада на Република Македонија. Во прилог целосното обраќање:
Целта на денешната прес-конференција е да информирам за новиот начин на функционирање на лабораториите во нашата држава и проект, нешто што излезе во медиумите и сметам дека според реакциите на социјалните мрежи предизвика паника.
И затоа сакам истото да го објаснам и образложам.
Проектот за централизација на медицинските лаборатории е од голем бенефит за македонските граѓани.
Овој проект е во насока на остваруавње европски модел кон кој се стремиме со цел информирање на здравствениот систем и приближување кон модерните и европски трендови.
Поддршка за ваков тип и систем на централни набавки добивме од Светската банка со која се консултираме и заеднички работиме на подобрување на здравствената заштита на граѓаните на Република Македонија.
Со централната набавка на реагенси, целта е заштеда од неколку милиони евра за нашата држава и пружање на подобри услови за пациентите.
Централизираните набавки овозможуваат оптимално користење на средствата. Министерството за здравство ќе има можност да ги контролира и предвидува трошоците за тестирање без оглед каде се изведуваат - нешто што досега многу тешко се спроведува.
Како резултат на тоа, очекуваме цените да опаднат за 10-20%, а тоа посебно ќе го почувствуваат малите здравствени установи. Централизираните набавки ќе овозможат поголема оптимизација на бројот и видот на инструментите во објектите со што ќе се зголеми оперативната ефикасност како и подобрување на пристапот до напредни технологии.
Според истражувањето што го направивме минатиот период, колку е поголемо пакувањето на реагенсите, толку е поефтина цената. Досегашното работење покажа дека се фрлаат реагенси поради нивната неискористеност. Во моментот имаме анализатори со 400 – 800 анализи на час во места каде што нема ни 30-50 анализи на ден. Според анализите, бројот на инструменти може да се намали за повеќе од половина со што ќе се направат дополнителни заштеди. Дополнително, централизираната набавка ќе му овозможи на Министерството за здравство да преговара за бесплатно сервисирање на апаратите. Инструментите за поправка исто така ќе станат побрзи со што ќе се минимизира прекинот на оперативните средства. Централизираните набавки ќе обезбедат можности за стандардизирана обука на ниво на државата. Исто така, ќе има пад на производите со истечен рок.
Пракса во високоразвиените земји е централизирање на лабораториите. Целта е подобри услови за пациентите кое ќе се постигне со тоа што од отпочнување на овој систем пациентите нема да има потреба да патуваат за анализи кои не се вршат во нивните места на живеење. Трошоци дополнителни нема да има за пациентите, бидејќи резултатот ќе го добиваат повторно во нивното место на живење. Нема потреба ниту за грижа за губење на работните места, заради тоа што персоналот ќе остане на истите и нема да се прераспределува кадарот во лабораториите.
Дополнително персоналот ќе може да одговори на потребите бидејќи распоредот на централните лаборатории е направен во сооднос со големината на апаратите и нивната брзина. Пациентите нема во никој случај да бидат оштетени затоа што тоа не се итни анализи, итни анализи се потребни секаде каде што има хирургија и таму такви апарати се предвидени. Токму затоа е така баждарен капацитетот на овие апарати за целосно да ја покрие потребата за сите болници каде што се дава хируршка дејност. Специфичните анализи се предвидени да се работат одделно, во централна лабораторија. Анализи потребни во ноќните часови ќе се изработуваат само во итните случаи.
Протоколите за транспорт на крв се според досегашните протоколи и во тендерска документација е јасно напишано дека економскиот оператор е должен во цената да има вклучено и транспорт на крв. Лабораторискиот информативен систем ќе ги консолидира лабораториските тестови на сите пациенти на едно место, а здравствените установи ќе имаат пристап до информации во реално време во однос на податоци за пациентите, нивните резултати и трошоците.