Средба на вицепремиерот Арифи со министерот за европски прашања на Велика Британија Лидингтон
Во рамки на работната посета на Велика Британија, заменикот на претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања д-р Теута Арифи денеска оствари средба со министерот за европски прашања на Велика Британија Дејвид Лидингтон.
Вицепремиерот Арифи ги презентираше активностите кои се преземаат во делот на спроведувањето на реформите од европската агенда особено во поглед на реформата на јавната администрација, судството како и дијалогот со медиумите.
Вицепремиерот Арифи се осврна и на активностите предвидени со Националната програма за усвојување на правото на ЕУ во насока на адресирање на препораките од Извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Македонија. При тоа, таа потврди дека Владата на Република Македонија останува посветена на остварувањето на стратешката цел за членство во Унијата.
Министерот Лидингтон истакна дека Велика Британија ја поддржува политиката на проширување на Унијата, а во тој контекст и интеграцијата на Република Македонија во ЕУ.
Во рамки на посетата, вицепремиерот Теута Арифи се сретна и со Линдзи Хојл, заменик претседавач на Британскиот парламент, со лордот Ропер, претседавач на Комисјата за ЕУ во горниот дом на Британскиот парламент, со Вилијам Кеш, претседавач на Комисјата за европски прашања во Долниот дом на Парламентот и со Даниел Френ, шеф на одделот за Западен Балкан во Министерството за надворешни работи на Велика Британија.
Заменикот на претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања д-р Теута Арифи престојува во работна посета на Велика Британија на покана на министерот Дејвид Лидингтон.