Вицепремиерот Џафери се сретна со албанскиот министер за одбрана Имами
Заменик-претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за спроведување на Рамковниот договор Муса Џафери денеска се сретна со албанскиот министер за одбрана Арбен Имами и неговиот македонски колега Фатмир Бесими.
На средбата, министерот Имами рече дека Албанија ќе продолжи да и дава неизмерна поддршка на Македонија на патот кон интеграцијата во НАТО и ЕУ. Истакна дека Албанија е свесна оти Македонија ги има исполнето барањата за влез во НАТО, споменувајќи дека за тоа треба да се има и политичката волја од Владата за надминување на недоразбирањата за прашањето за името со Грција.
Според него, во интерес на Албанија е Македонија да биде дел на НАТО и на ЕУ, поради безбедноста во регионот, но и за албанската етничка заедница во Македонија. Информираше дека Албанија после влезот во НАТО бележи пораст на странските инвестиции во земјата.
Џафери потенцираше дека духот на Рамковниот договор останува основен столб на земјата на патот за интеграција кон НАТО и ЕУ.
Двајцата соговорници се согласија дека безбедноста е основен фактор за интеграција и економски развој на една земја и оти соработката меѓу двете држави треба да биде поинтензивна во различни сфери.