Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, денеска се сретна со Јацек Мултановски, амбасадорот на Република Полска во Македонија, чијшто мандат завршува во земјата.
Изразувајќи благодарност за ангажманот, заложбите и поддршката на Н.Е, амбасадорот Мултановски, премиерот Заев го истакна придонесот на Република Полска за демократските процеси во Македонија, на патот кон остварувањето на евроинтеграциските цели на државата.
На срдечната средба, двајцата соговорници истакнаа дека Полска и Македонија како пријателски земји се посветени на продлабочување на билатералната соработка во сите сфери и заклучија дека тоа е добра основа за интензивирање на односите, особено во областа на економијата, безбедноста културата, туризмот и други области од интерес за граѓаните на двете земји.
Амбасадорот Мултановски, оцени дека е импресиониран од напредокот кој Македонија го постигна последната година, посебно околу Договорот со Грција околу спорот со името и изрази задоволство од претстојната посета на премиерот Заев, кој заедно со владина делегација, на 27 јуни ќе отпатува во Варшава и ќе оствари средба со полскиот премиер Моравјецски.
Премиерот Заев, посочи дека Македонија ќе остане посветена на градење на пријателство и регионална соработка, подвлекувајќи дека Полска и Вишеградската група (В4), каде таа е членка заедно со Унгарија, Чешка и Словачка, е императив за тоа како се гради партнерство и напредок.
Истовремено, премиерот Заев изрази надеж дека продолжувањето на заедничката соработка со Полска и В4 ќе придонесе за забрзување на европската интеграција, развојот, безбедноста и стабилноста на Македонија и земјите на Западен Балкан.
Премиерот Заев и амбасадорот Мултановски изразија уверување дека сите партнери и институции на двете земји, ќе ја продолжат одличната соработка и поддршката на пријателството меѓу граѓаните на двете земји, во насока на политичка стабилност и отворање можности за зголемување на економскиот развој на двете земји.