Премиерот Заев во дводневна работна посета на Брисел

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, од денеска е во дводневна работна посета на Брисел.
 
За време на оваа работна посета премиерот Заев, во придружба на владината делегација во чиј состав се Радмила Шекеринска, заменик претседателка на Владата на Република Македонија и министерка за одбрана, Бујар Османи, заменик претседател на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања и Никола Димитров, министер за надворешни работи, денес ќе се сретне со Претседателот на Европскиот Совет Доналд Туск, со кого ќе имаат и заедничка изјава за медиумите.
 
Во текот на денешниот ден Претседателот на Владата на РМ Зоран Заев, и владината делегација, ќе имаат работна средба и со Комесарот за соседска политика на ЕУ и преговори за проширување, Јоханес Хан.
 
Премиерот Заев денеска, во попладневните часови, ќе се обрати и на Форумот Кран Монтана, на сесијата насловена „Југоисточна Европа и нејзиното пристапување кон Европската Унија“.
 
Утрешниот ден, петок, агендата на Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев започнува со средбата со Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, по што ќе следува и заедничка прес конференција.
 
Во текот на дводневната работна посета на Брисел премиерот Заев ќе учествува и на работниот состанок на Партијата на европските социјалисти.