Министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност Роберт Поповски, денеска оствари средба со претставници на Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, предводени од програмскиот директор Филип Стојановски и м-р Лилјана Пецова-Илиеска, проект координаторка, кои ги презентираа резултатите од истражувањето „Action SEE - Одговорност, технологија и мрежа на институционална отвореност во Југоисточна Европа“.
Владата на Република Македонија е на првото место во оценката за отвореност на Владите, покажува истражувањето поддржано од Европската Унија, со кое се мери отвореноста и транспарентноста на институциите во Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Македонија, Србија и Црна Гора.
Во Македонија мониторингот веќе втора година по ред се спроведува од страна на Фондацијата „Метаморфозис“, која отвореност на Владите ја мери преку четири критериуми: транспарентноста на институциите, пристап до информации, интегритет и свесност.
Мониторингот на веб-страните на институциите е спроведен од декември 2017 до февруари 2018, а лани истото истражување е направено и за периодот од декември 2016 до февруари 2017. Споредбата помеѓу двата периоди, покажува дека индексот на отвореност на Владата на Република Македонија значително се зголемил на 75,61 проценти во споредба со претходните 52,34 проценти, кога македонската Влада беше на последното место меѓу владите на земјите опфатени со ова истражување.
„Индикаторите кои се користени, се приспособени на нашите потреби на национално и регионално ниво, што значи вклучуваат донесување и измени на закони, примена на препораки од Европската комисија (ЕК), добри пракси од регионот и стратешки документи во реформските процеси“, истакна проект-координаторката Пецова-Илиеска.
„Ова се извонредни резултати, бидејќи минатата година Владата на Република Македонија и министерствата биле рангирани на последно место во регионот“ истакна министерот Поповски.
Министерот Поповски додаде дека Македонија настојува да биде лидер во транспарентност, отчетност и одговорност, не само во регионот, туку и многу пошироко.
Според индикаторите на истражувањето, најголем напредок кај Владата на РМ има во индикаторот за свесност со 99,88 проценти што се оценува преку стратешките документи, индикаторите за следливост, мисиите, визиите и годишните извештаи.
Видлив напредок има и во пристапот до информации со 77,27%, во што припаѓаат јавните консултации, слободниот пристап до информации од јавен карактер, пристапноста на процедурите и објавувањето извештаи, како и во индикаторот за Интегритет на институцијата со 77,89% , кој ги оценува етичките кодекси, конфликтот на интереси, антикорупциските мерки и доброто управување.
Напредок има и во индикаторот за транспарентност на Владата со 69,13%, што ја оценува транспарентноста на буџетот, јавните набавки, анекси на договори, органограми и систематизации, како и на потрошените средства.
Индексот ја мери и отвореноста на министерствата во овие 6 земји. Македонија и во тој сегмент на истражувањето бележи напредок и сега е веќе на третото место, зад министерствата во Србија и во Црна Гора. И кај министерствата најголем напредок има во индикаторите на транспарентност и свесност.