Премиерот Заев на средба со амбасадорката на НР Кина Н.Е. Лисјен: Пријателството меѓу двете земји е основа за продлабочување на билатералните економски односи

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран  Заев денеска се сретна со делегација на Амбасадата на Народна Република Кина, предводена од Н.Е г-ѓата Јин Лисјен.
 
Амбасадорката Лисјен пренесувајќи му поздрави од премиерот на НР Кина, Ли Кечјанг, на македонскиот премиер му честиташе за постигнатиот договор со Грција за стратегиско партнерство и решавање на спорот со името. 
 
Таа посочи дека одржувањето на пријателски односи со соседите отвора нови можности и перспективи за проширување на соработката со останатите земји, што ќе помогне за забрзан економски развој на Македонија.
 
На средбата, соговорниците ја истакнаа одличната соработка меѓу двете земји потенцирајќи дека најдобар доказ за тоа е 25-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете држави која се одбележува годинава.
 
Во таа насока беше изразена подготвеност за имплементирање на инфраструктурните билатерални проекти од интерес на Македонија, како и динамизирање и интензивирање на економските, културните односи и соработката во областа на транспортните услуги, образовната и научната дејност.
 
Премиерот Заев и амбасадорката Лисјен разговараа и за детали од претстојниот Седми Самит на шефови на влади на земјите од Централна и Источна Европа и на НР Кина (Процес 16+1), кој ќе се одржи на 7 јули 2018 година, во главниот град на Република Бугарија, Софија.