Се засилува борбата против сивата економија
Институциите на системот со повеќе активности за подобрување во делот на регистрацијата на бизнис, плаќање и пријавување даноци и работници и плаќање на придонесите за социјално осигурување, како и со засилување на инспекциските надзори годинава ќе се обидат да го намалат нивото на сивата економија во земјава.
Тоа го предвидува Акцискиот план за намалување на сивата економија за 2012 година, што Владата на Република Македонија го усвои на вчерашната седница.
- Трговијата е секторот во кој најмногу е застапена сивата економија, како во делот на неплаќање даноци, така и во делот на непријавени работници. Ќе имаме сериозни проблеми при имплементирањето на Законот за трговија, но ќе мораме заедно со Државниот пазарен инспекторат и со другите инспекторати да ги засилиме нашите активности и полека но сигурно да ја елиминираме сивата економија, рече министерот за економија Ваљон Сарачини на денешната прес-конференција.
Во 2005 година, посочи, сивата економија во Македонија изнесуваше околу 40 проценти од БДП, а анализите и истражувањата направени во текот на минатата година покажуваат дека сивата економија е намалена на околу 30 проценти од БДП. Тоа е резлултат на мерките што ги презеде Владата, која почнувајќи од 2007 година секоја година усвојува и одобрува акциски план за намалување на сивата економија.
- Министерството за економија за годинава планира сериозни активности во делот на Законот за трговија и целонсо спроведување на Законот за туристичка и угостителска дејност. Во соработка со Државниот пазарен инспекторат ќе ги засилиме инспекциските надзори, а се планираат и активности во делот на енергетиката и минералните суровини и метрологијата, појасни Сарачини.
Сигурно е, нагласи, дека целосно нема да ја укинеме сивата економија, но ќе работиме да се намали на завидно ниво.
Министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски посочи борба на Министерството за намалување на сивата економија ќе се насочи кон непријавените работници и нелегалните бизниси.
- Вчера започна имплементацијата на новиот оперативен план на активни политики за вработување со кој повротно се предвидува мерката за формализација на неформалните бизниси која во изминатиот период покажа завидни резултати. Очекуваме и годинава да има зголемен интерес замерката од која имаме двоен бенефит, намалување на нивото на сива економија и влегување на субјекти во реалниот систем со плаќање на придонеси, рече Ристовски.
Тој најави зголемување на интензитетот на контролите на Трудовата инспекција во следниот период, бидејќи, нагласи, информациите говорат дека повторно има актуелизирање на недисциплината кај дел од рабтодавачите во поглед на ангажирање работници на црно.
- Отстапки во однос на контролите за непријавени работници нема да има. Тоа го покажуваат и последните измени на Законот за работни односи со кои се предвидуваат санкции од 6 до 7.000 евра за констатирани непријавени работници, рече Ристовски и додаде дека за Министерството е идентично каде е најден непријавен работник дали во мал маркет или во голема компанија.
Смета дека засега бројот на инспектори е доволен. Лани, нагласи, од инспекциските служби биле откриени околу 2.000 непријавени работници.
- Убеден сум дека бројката е многу поголема. Очекувам годинава да имаме многу поголема ефикасност во откривањето на непријавените работници, бидејќи веќе не станува збор за остварување на права од работен однос, туку за хумана димензија и за човекови права, рече Ристовски и додаде дека нема да има сектор или гранка која нема да биде предмет на контрола.