Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, и владина делегација во состав Радмила Шекеринска-Јанковска, Заменик претседател на Владата и Министер за одбрана, Бујар Османи, Заменик претседател на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања, Никола Димитров, Министер за надворешни работи, и Стево Пендаровски, национален координатор за подготовка на Македонија за членство во НАТО, денеска и утре ќе присуствува и ќе учествува во работата на Самитот на шефови на држави и влади на НАТО во Брисел.
Во текот на денешниот ден, доцна попладне, премиерот Заев ќе има свое обраќање на настанот „НАТО ангажмани: Дијалози на Самитот во Брисел“, по што ќе замине на свечената вечера на шефови на држави и влади на земји членки, и на шефови на држави и влади на земји членки и партнери, што ја организира премиерот на Белгија Шарл Мишел.
Во текот на утрешниот ден, премиерот Заев и македонската владина делегација во новото седиште на НАТО, ќе го отпочне учеството на официјалниот дел од агендата на самитот.
Премиерот Заев во придружба на Заменик претседателот на Владата на РМ и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, на Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бујар Османи, и Министерот за надворешни работи Никола Димитров, ќе учествува на состанокот на Лидерите на земјите членки и партнери во формат RSM "Решителна поддршка", на ниво на шефови на држави и влади.
Агендата на годинашниот Самит на шефови на држави и влади на НАТО оваа година во Брисел во четврток предвидува прес конфереција на Генералниот секретар Јенс Столтенберг, и церемонија на врачување на поканата за започнување на пристапните преговори за членство во НАТО за Република Македонија.
Премиерот Заев и членовите на владината делегација за време на дводневните активности на Самитот на НАТО во Брисел ќе имаат повеќе билатерални средби и ќе верификуваат повеќе декларации и документи за соработка со земји членки на НАТО.