Заменик Претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, заедно со Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, денес во Брисел учествуваа на Четиринаесеттиот состанок на Советот за стабилизација и асоцијација помеѓу Република Македонија и Европската Унија.
На состанокот беа разгледани темите за односите меѓу Република Македонија и Европската Унија во рамките на Спогодбата за стабилизација и асоцијација, подготовките и предизвиците кои произлегуваат од временската рамка за почеток на преговорите, која неодамна ја усвои Советот на Европската Унија, како и останатите теми поврзани со европските интеграции на Република Македонија.
“Денес, водени од успесите кои ги постигнавме изминатава година, зборуваме за почнувањето на скрининг процесот, за создавањето преговарачки тимови, преговарачка структура и воопшто за подготовката и на Европската Комисија и на Република Македонија, за почетокот на преговорите наредната година”- истакна Османи во воведот од своето обраќање пред Советот, посочувајќи притоа на контекстот во кој се одвива овогодинешниот состанок на Советот за Стабилизација и асоцијација на само еден ден од формалната покана за почеток на пристапниот процес за членство во НАТО, и само две недели од одлуката на Европскиот Совет за временска рамката од 12 месеци, или јуни 2019 година, за почеток на преговорите за членство во Европската Унија.
Во истиот контекст Вицепремиерот Османи изрази огромна благодарност до Високата претставничка Могерини и Еврокомесарот Хан, но и до нивните тимови за нивниот вложен несебичен напор и искрена поддршка во реализацијата на нашите амбиции.
Во продолжение Османи потенцираше дека покрај самата подготовка за преговори, Владата има намера да го задржи и продлабочи позитивниот реформски импулс, и да испорача видливи резултати во делот на владеењето на правото и борбата против организираниот криминал и корупција.
“Целта на овие реформи, но и на самите преговори, покрај членството во Унијата, се и придобивките од суштинската трансформација на земјата во европско демократско општество со функционална пазарна економија, ефикасни институции и професионална администрација”-додаде Османи, притоа потенцирајќи дека пристапните преговори се комплексен, обемен и масовен процес, во кој ќе биде потребен ангажман на целото општество, академската јавност, граѓанскиот сектор, а упати покана за учество во овој процес и до опозицијата.