На покана на првиот заменик премиер и министер за надворешни работи на Република Косово, Беџет Пацоли, министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Димитров, денес и утре, престојува во официјална посета на Република Косово.
За време на престојот во Приштина, министерот Димитров беше примен и од претседателот на Собранието на Република Косово, Кадри Весели, од претседателот на Владата на Република Косово, Рамуш Харадинај, а оствари средба и со заменикот премиер, Енвер Хоџај.
Во разговорите, министрите Димитров и Пацоли изразија задоволство од развојот на односите и соработката меѓу Република Македонија и Република Косово, кои ги врзува и заедничка перспектива во рамки на европските интеграции. Беше потврдена посветеноста кон градењето добрососедски односи, како заеднички придонес кон стабилноста и просперитетот на регионот и неговата европска и евро-атлантска перспектива.
Посетата беше искористена и за размена на мислења и разгледување на можностите за унапредување на билатералната соработка, вклучително инфраструктурното поврзување во делот на енергијата и транспортот, трговската размена, културата, како и во останатите области од заеднички интерест.
На сите средби, МНР Димитров го покрена прашањето околу воведувањето на даночна стапка за увоз на земјоделски производи од страна на Република Косово нагласувајќи дека оваа мерка ќе има негативно влијание врз македонскиот извоз. Министерот Димитров побара од косовската страна повторно да ја разгледа оваа одлука, во однос на Република Македонија.
Исто така, беше разгледана можноста за одржување на првата Заедничка седница на Влади до крајот на оваа година, на која се очекува да бидат потпишани повеќе билатерални договори.