Премиерот Заев на изложбата „Конекции во колекциите“: Уметниците знаат за солидарност, и знаат дека еднаш воспоставени вредности остануваат трајна врска меѓу народите

 

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, министерот за култура, Асаф Адеми, италијанскиот амбасадор во Република Македонија Карло Ромео и градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов денеска присуствуваа на отворање на изложбата „Конекции во колекциите - италијанско-македонски паралели“, во Музејот на современа уметност во Скопје.

Премиерот Заев во своето обраќање нагласи дека тоа што е специфично за оваа изложба е солидарноста како една од темелните вредности на Европската Унија.

„Солидарноста толку дарежливо искажана од дури 200 италијански автори кои во најтешките моменти од современата историја на Скопје, за време на катастрофалниот земјотрес во 1963 година, на нашиот главен град му подарија 340 дела. Меѓу првите донации беа делата на италијанскиот сликар Џузепе Сантомазо.

Уметниците знаат за солидарност, и знаат дека еднаш воспоставени вредности остануваат трајна врска меѓу народите. Оваа изложба - „Конекции во колекциите - италијанско-македонски паралели“ не потсетува и на возвратниот гест на македонските уметници кога во 1964 година со своите дела како донации посакаа да ги ублажат болката и трагедијата на италијанските жители на Вајонт во близина на Венеција.

Но, овие настани се само дел од богатата традицијата меѓу македонските и италијанските уметници и културни дејци. Оваа соработка ги унапредува и останатите врски меѓу двете земји. Република Македонија и Република Италија редовно потпишуваат програми за соработка во областа на културата, образованието и науката“, истакна премиерот Заев.

Во своето обраќање министерот Адеми потенцираше дека изложбата, и според нејзиниот наслов - „Конекции во колекциите -италијанско-македонски паралели“, сама по себе зборува за длабоките врски во уметноста и во културата што нашите две земји ги негуваат со години наназад, особено по 1998 година и потпишаната Спогодба за соработка, врз која се темелат нашите програми  за заеднички проекти.
„Радосен сум што оваа изложба по својата вредност и концепција е пример кон она што целиме и во нашата Стратегија, а тоа е европеизацијата на македонскиот културен контекст. Да се биде дел од европското демократско семејство не значи напуштање на националните традиции и на посебните културни вредности. Напротив, тоа, значи на македонската култура да и’ се отворат европските и светските перспективи, а македонските граѓани во Европа и во светот да се чувствуваат природно, вклучено, креативно“, рече министерот за култура Асаф Адеми.
Амбасадорот на Република Италија во нашата земја, неговата екселенција Карло Ромео истакна дека изложбата воспоставува не само со паралели и рефлексии на кои претходи не само трагичниот земјотрес и импулсот на солидарност кој следеше, туку ги претставува и генерално пријателските врски помеѓу Италија и Македонија и припадноста на двете земји кон заедничкиот европски културен koiné, кон заедничкиот културен јазик, кој е вистинската основа на интеграцијата меѓу народите и европските држави. 
 


Интегрален текст од обраќањето на Премиерот Заев на отворање на изложбата „Конекции во колекциите - италијанско-македонски паралели“ 

Ми претставува особено задоволство што ми припадна чест да се обратам на отворањето на изложбата „Конекции во колекциите - италијанско-македонски паралели“, овде во Музејот на Современа Уметност во Скопје.

Ова е уште еден настан кој изгради нов мост на соработка меѓу двете исклучително пријателски земји, Република Италија и Република Македонија.

Италија е една од неколкуте земји во светот, што на човештвото му подарија многу од најзначајните културни артефакти и вредности. Низ историјата на нашата цивилизација нема ниту една генерација која не била инспирирана од бесценетата и исклучително богата културна ризница на Италија.

Она што е специфично за оваа изложба е солидарноста која произлегува од една од темелните вредности на Европската Унија. Солидарноста толку дарежливо искажана од дури 200 италијански автори кои во најтешките моменти од современата историја на Скопје, за време на катастрофалниот земјотрес во 1963 година, на нашиот главен град му подарија 340 дела. Меѓу првите донации беа делата на италијанскиот сликар Џузепе Сантомазо.

Уметниците знаат за солидарност, и знаат дека еднаш воспоставени вредности остануваат трајна врска меѓу народите. Оваа изложба - „Конекции во колекциите - италијанско-македонски паралели“ не потсетува и на возвратниот гест на македонските уметници кога во 1964 година со своите дела како донации посакаа да ги ублажат болката и трагедијата на италијанските жители на Вајонт во близина на Венеција.

Но, овие настани се само дел од богатата традицијата меѓу македонските и италијанските уметници и културни дејци. Оваа соработка ги унапредува и останатите врски меѓу двете земји. Република Македонија и Република Италија редовно потпишуваат програми за соработка во областа на културата, образованието и науката.

Имајќи го сето ова предвид, уште еднаш изразувам благодарност што можам да бидам дел од оваа свеченост, и ги охрабрувам македонските и италијанските уметници и понатаму да ги негуваат силните меѓусебни врски на соработка и на почитување.