Заменик Претседателот на Владата на Република Македонија и главен политички преговарач и Шеф на Делегацијата за преговори со Европската унија д-р Бујар Османи, министерката за правда Рената Дескоска, посебниот советник за евроатлантски интеграции на претседателот на Владата на Република Македонија и главен технички преговарач и шеф на техничкиот преговарачки тим Бојан Маричиќ и државната секретарка при Секретаријатот за европски прашања Калинка Габер остварија средба со Комесарот за европска соседска политика и преговори за проширување на Европската унија Јоханес Хан. На средбата, Еврокомесарот Хан се интересираше за тековните процеси во Република Македонија. Тој одново ја истакна нагласената поддршка на Европската Комисија кон Македонија на евроинтегративниот пат, како и при надминување на предизвиците во претстојниот период.
Министерката Дескоска се сретна со Комесарката за правда, правата на потрошувачите и родовата еднаквост при Европската унија, Вера Јурова.
Дескоска објасни дека Република Македонија поминува низ процес на сериозни реформи во областа на судството и обвинителството и борбата против корупцијата.
„Започнавме скрининг и за нас е многу важно да покажеме опипливи резултати, затоа што знаеме дека Поглавјето 23 се отвора прво, и затоа што немаме друга алтернатива освен ЕУ“.
Еврокомесарката Јурова се интересираше за динамиката на спроведувањето на реформската агенда на Владата ја истакна подготвеноста на Европската комисија за поддршка на реформскиот процес.