Премиерот Заев: Исправени сме пред историски момент кога секој граѓанин без разлика на неговата политичка и етничка определба има можност да биде архитект на нашата заедничка европска иднина

Со завршните програмски активности под отворено небо, во дворот на Владата на Република Македонија, вчера се одржа пригодна празнична програма по повод Денот на независноста со која се одбележа 27 годишнината од 8 септември 1991 година, кога граѓаните на нашата земја масовно излегоа на референдум и со својот глас изгласаа независна и суверена држава.

 

Како дел од агендата на вчерашната програма на присутните во дворот на Владата, како и пред македонската јавност која ја следеше програмата на програмата на МРТ, како и на владините канали на социјалните мрежи, се обрати и Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, кој со честитката за празникот до сите граѓани, истакна дека денеска е посебен ден за Република Македонија, нашата национална и граѓанска гордост, Денот на независноста, кога се сеќаваме на настан на кој граѓаните на Република Македонија донесоа историска одлука и глaсаа за независност и за суверенитет, со што покажаа дека силно веруваат во шансата која доаѓа, во перспективата која значеше крај на неизвесноста и во новиот почеток за подобар живот и подобра иднина во својата независна Македонија.

 

Премиерот Заев истакна дека од тогаш граѓаните на Република Македонија поминаа низ многу тешки моменти, и дека некои од нашите најголеми соништа, до ден денес, останаа неисполнети.

 

„Ова ми дава право да кажам дека во изминатите 27 години Македонија не го обезбеди напредокот за кој сонуваа македонските граѓани. Токму поради тоа, вечерва, да изразиме жалење во името на сите политичари од независноста до денес, што многумина од граѓаните не успеаја да го остварат својот сон за поуспешен живот, за подобро платена работа, подобро образование и здравство. Јас добро го знам тоа, патувам низ сите села и градови низ Македонија и го гледам народот, ја гледам и маката и радоста на нашите граѓани“, истакна Претседателот на Владата на РМ Заев, и порача:

 

„Гледам и знам, народе мој, и велам: ВРЕМЕ Е! Време е да бидеме храбри и да гледаме кон иднината!Време е да ја зајакнеме вербата во себе. Време е да се погледнеме едни со други во очи и да си кажеме дека МОЖЕМЕ. Ве гледам во очи и ве уверувам – МОЖЕМЕ! Можеме ако се држиме заедно, ако кренеме глава и ако ja зграпчиме шансата за која се изборивме заедно, шансата за која целиот свет ни вели дека е историска“, потенцираше премиерот Заев и посебно им се обрати на младите:

 

„Повозрасните повеќе пати докажаа дека знаат да носат вистински одлуки во клучни моменти. Ве повикувам драги млади, драги граѓани на европска Македонија, ајде да избереме семејство, европско и стабилно семејство во кое сме безбедни, заштитени и во кое имаме сојузници со кои заедно ќе одиме напред. Секој ден понапред, кон јасна иднина. Сега имаме можност како никогаш до сега, да излеземе гордо и да одлучиме за нашето место во братството на европските народи, во Европската Унија, и да застанеме рамо до рамо, рамноправни со најсилните земји на светот, членки на НАТО“, нагласи премиерот Заев.

 

Тој истакна дека сега имаме решение и заедно треба да одлучиме за тоа решение, и дека „наша одговорност беше да го решиме отвореното прашање кое ја загрозуваше иднината на Македонија. Ја презедовме одговорноста – го решивме спорот, постигнавме Договор со Грција“.

 

„Наша одговорност и света должност беше да го зачуваме идентитетот македонски. Не само што го зачувавме, туку и го потврдивме и зајакнавме. Еднаш засекогаш Македонците и македонскиот јазик се впишуваат во ризницата на светските народи и јазици, и никој повеќе нема дилеми. Никој повеќе не го оспорува тоа“, истакна Претседателот на Владата на РМ Заев.

 

Во своето обраќање тој изрази благодарност на сите граѓани Албанци, Турци, Власи, Срби, Роми, Бошњаци и на сите други етнички заедници, што во овие моменти покажуваат другарско и братско разбирање и што даваат силна поддршка на своите сограѓани Македонци. Оваа поддршка, ова разбирање за заштитениот македонски идентитет е од огромно значење за градењето едно општество. Овие мостови кои ги градиме се крвотокот на нашата меѓусебна доверба.

 

„За три недели, вашата татковина ќе ве повика да ја преземете најблагородната и најсвечена патриотска должност во една демократија - да излезете на гласање и да го дадете вашиот глас.

Јас денес стојам исправен гордо пред вас и ви велам: Ова е вистинското решение и вистинското време. Ова е историскиот момент во кој секој од вас, секој граѓанин без разлика на неговата политичка, етничка или било која определба ја добива можноста да биде архитект на нашата заедничка иднина. Да донесе одлука за нашата втора независност!“, рече премиерот Заев.

 

Премиерот Заев нагласи дека од огромна важност е што мнозинството наши сограѓани го одобруваат референдумот и го гледаат како шанса да го дадат својот глас за најсигурниот пат кон стабилноста, безбедноста, и дека како членка на ЕУ, ќе седиме на масата и ќе разговараме рамноправно за економски просперитет за нашите граѓани, во заедницата со другите европски граѓани. Без место на маса, ќе останеме надвор од кругот, без наш збор во многу настани што ќе влијаат на нашите животи.

 

„Патриотите преземаат акција. Како и на 8 септември 1991 година, кога земјата и иднината повикаа на акција – на ист начин, референдумот на 30-ти септември е нашиот повик за акција и наша патриотска должност. Нашата генерација ја има таа чест. Имаме чест да се избориме со глас. Со нашиот демократски глас да донесеме подобар живот во суверена Македонија“, порача премиерот Заев и уште еднаш упати желби за честит и вековит Ден на независноста на Република Македонија.

 

Инаку, програмата вчера започна со популарниот Петко и бендот 5+ кои најмладите ги проследија со голема радост.

 

Програмата под отворено небо, во дворот на Владата на Република Македонија продолжи со Ди-Џеј Оги, како и со музиката на оркестарот на Македонската филхармонија, заедно со Тамара и Тијана, кои  ги исполнија најубавите македонски евергрини, по што ритамот на празничната прослава го засилија Македонската филхармонија и маестро Џијан Емин со проектот „Оригинатор“ на продуцентот на електронска музика, Хуан Аткинс,

 

Финалето на музичката програма му припадна на Ди-Џеј, Феки Фарис.