Премиерот Заев на средба со американскиот сенатор Рон Џонсон: Импресиониран сум од храброста со која е надминат спорот со Грција, Македонија треба да биде членка на НАТО и ЕУ

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев денеска се сретна со американскиот сенатор и претседавач на Комитетот за национална безбедност и на Поткомитетот за европска и регионална безбедносна политика, Рон Џонсон со кого разговараше за политичките процеси во земјава како и подготовките за реализирање на претстојниот Референдум закажан за 30 септември.

На средбата во кабинетот на премиерот Заев, заеднички беше оценето дека ова е историски настан во кој граѓаните треба целосно да се вклучат и да ја искористат можноста слободно да се изјаснат.

Сенаторот  Џонсон, изрази импресионираност за храброста, односно начинот на кој Македонија и Грција го решија повеќедеценискиот спор со потпишувањето на Договорот за името и стратешка соработка. Тој ја пренесе силната американска поддршка, Македонија да стане 30-та членка на НАТО, како позитивен пример на одржување на добрососедски односи и соработка со другите земји во регионот, со оценка дека тоа дава нов импулс за зацврстување на јасната насока во која се движат земјите од Западен Балкан.

Двајцата соговорници се согласија дека успешниот Референдум е клучен за иднината на Република Македонија и дека граѓаните треба да ја искористат оваа шанса, преку сојузништвото во НАТО и членството во Европската унија да им го отворат патот на младите за стабилна иднина и економски напредок.

Премиерот Заев го информираше сенаторот дека пред претстојниот Референдум очекува и лидерите на опозицијата да ја прифатат поканата за учество и обединување и дека ќе го повикаат своето членство да излезе и да гласа за остварување на заедничката цел, евроатлантските интеграции.

„Резултатите од реформите се продукт на бескомпромисна политичка волја за трајни реформи. Нашите водечки вредности се демократија, владеење на правото, независни институции и слободни медиуми”, рече премиерот Заев, изразувајќи подготвеност за продолжување на клучните реформи за зајакнување на владеењето на правото, борбата против корупцијата, реформата на безбедноста и разузнавањето и реформата на јавната администрација, со цел интеграција во НАТО и ЕУ. 

 

Премиерот Заев и сенаторот Џонсон ја истакнаа улогата и учеството на Република Македонија во заедничките мировни мисии со САД во Авганистан и во Ирак, како активности кои ја приближуваат земјава до полноправното членство во ЕУ и НАТО и го потврдува стратешкото партнерство со САД.