Од заедничкиот прес на премиерот Заев, секретарот за одбрана на САД Матис и министерката за одбрана Шекеринска: Одобрувањето на договорот од Преспа на референдумот ќе го обезбеди местото на земјата во НАТО како партнер рамен со сите други земји членки

Пречекан со највисоки државнички почести, Секретарот за одбрана на Соединетите американски држави Џејмс Норман Матис, во рамките на својата официјална посета на нашата земја, денеска оствари средба Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев.

 

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, придружуван од членовите на владината делегација заедно со Заменичката претседателка во Владата на РМ и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, потоа одржаа пленарна сесија на која Секретарот за одбрана на Соединетите американски држави Џејмс Матис, беше придружуван од амбасадорот на САД Џејмс Бејли, како и членови на Секретаријатот на одбрана на САД и претставници на американскиот Пентагон.

 

 Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, Заменичката претседателка во Владата на РМ и министерка за одбрана Радмила Шекеринска и Секретарот за одбрана на Соединетите американски држави Џејмс Матис одржаа и заедничка прес конференција на која говореа за најважните теми разговарани на средбата.

 

Премиерот Заев во своето обраќање на прес конференцијата истакна дека посетата на Секретарот за одбрана на Соединетите американски држави Џејмс Матис доаѓа во еден исклучителен период, кога граѓаните на Република Македонија се подготвуваат на најдемократскиот начин, на референдум, да го дадат својот глас за прифаќање на договорот со Грција од Преспа, а со тоа и за нашето членство во ЕУ и НАТО.

 

„Вашата посета е уште една потврда за афирмирање и охрабрување на нашето стратегиско партнерство, и претставува силен сигнал за исправноста на политиките на Република Македонија што ги презема на планот на промовирање на дијалог, толеранција и регионална соработка. Во таа насока, поддршката на Соединетите американски држава е секогаш тука и претставува силно охрабрување“, нагласи премиерот Заев.

 

Претседателот на Владата на РМ потенцираше дека поканата за членство во НАТО што ја добивме во Брисел  на 12 јули оваа година, не охрабри да продолжиме уште поинтензивно со реформите и со подготовките кои што ќе не направат 30-та членка на Алијансата.

 

„За Република Македонија интеграцијата во НАТО и ЕУ нема алтернатива. Тоа го потврдува и огромното мнозинство на нашите граѓани. За граѓаните на Република Македонија консензусот по прашањето на нашето членство во НАТО е резултат за прифатените вредности што ги дели алијансата. Тоа го докажуваме и со нашето активно учество во мисиите на НАТО. Армијата на Република Македонија е посветен партнер на американските и на војниците на другите земји членки на НАТО во мировните мисии“, рече премиерот Заев.

 

Заменичката претседателка во Владата на РМ и министерка за одбрана Радмила Шекеринска потсети дека за прв пат во нашата историја како независна држава ни се случува во една година, за помалку од 6 месеци, секретар за одбрана на САД и македонски министер за одбрана да имаат 2 средби, во Вашингтон и во Скопје, и дека тоа говори и за личната заложба на Секретарот за одбрана на Соединетите американски држави, Џејмс Матис за Македонија и нејзиното членство во НАТО.

 

„Се наоѓате во една Македонија која е поинаква од државата која ја гледавме до пред нешто повеќе од една година... Денес, Македонија е земја со НАТО покана, без отворени прашања со своите соседи, преставува пример за соработка во регионот, и земја подготвена од докажан партнер да стане сојузник и член во најуспешниот безбедносен и политички сојуз. Немаме дилема дека нашата иднина е во НАТО – Алијансата, на иста маса со Соединетите Американски Држави и со другите сојузници“, рече министерката Шекеринска.

 

Шекеринска изрази уверување дека македонските граѓани на претстојниот референдум на 30 септември ќе ја препознаат шансата и ќе се изјаснат за Македонија, безбедна и просперитетна, членка на НАТО – Алијансата и Европската Унија.

 

„Се сеќавам на Вашите зборови во Пентагон, дека не сакате да ја видите Македонија запрена пред вратите на НАТО. Во меѓувреме помогнавте Македонија да ја добие НАТО поканата, а денеска сте тука во Македонија. Убедена сум  дека на 30 септември граѓаните ќе се изјаснат дека се ЗА Македонија која ќе биде безбедна, сигурна, просперитетна, економски развиена, ЗА Македонија која рамо до рамо со САД и со другите сојузници помага во градењето на заеднички мир и просперитет “, заклучи министерката.

 

Секретарот за одбрана на Соединетите американски држави Џејмс Матис во своето обраќање пред новинарите и македонската јавност се заблагодари за срдечниот пречек и за продуктивните разговори на средбите. Тој истакна дека оваа посета и пријателските разговори се потврда на силна взаемна поддршка на двете земји како стратешки партнери што споделуваат заеднички вредности.

 

Тој изрази надеж и им оддаде поддршка на сите што се залагаат за успешен исход на референдумот на 30 септември со што граѓаните на Република Македонија ќе направат уште еден голем историски чекор и што со одобрувањето на договорот од Преспа ќе обезбедат местото на земјата во НАТО, како партнер рамен со сите други земји членки.


Премиерот Заев на заедничкиот прес со Секретарот за одбрана на САД Матис и Шекеринска: Оваа посета е охрабрување за нашето стратегиско партнерство, и силен сигнал за исправноста на нашите политиките

 

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, Заменичката претседателка во Владата на РМ и министерка за одбрана Радмила Шекеринска и Секретарот за одбрана на Соединетите американски држави Џејмс Матис одржаа и заедничка прес конференција на која говореа за најважните теми разговарани на средбата

Изјавата на премиерот Заев за средбата со Секретарот за одбрана на Соединетите американски држави Џејмс Матис, ви ја пренесуваме во целост:

Почитуван Секретар за одбрана на Соединетите американски држави, господине Матис,

 

Денеска е уште еден свечен ден во нашата земја, заради посетата на највисокиот претставник на администрацијата на Соединетите американски држави кој ја посетува Република Македонија, Секретарот за одбрана на САД, почитуваниот господин Џејмс Норман Матис.

 

Почитуван господине Матис, дозволете ми, во мое име, во име на Владата на Република Македонија и во име на граѓаните на нашата земја, да ја изразам нашата голема благодарност за вашата посета.

 

Тоа е голема чест зашто доаѓа во еден исклучителен период, кога граѓаните на Република Македонија се подготвуваат на најдемократскиот начин, на референдум, да го дадат својот глас за прифаќање на договорот со Грција од Преспа, а со тоа и за нашето членство во ЕУ и НАТО.

 

Вашата посета е уште една потврда за афирмирање и охрабрување на нашето стратегиско партнерство, и претставува силен сигнал за исправноста на политиките на Република Македонија што ги презема на планот на промовирање на дијалог, толеранција и регионална соработка. 

 

Во таа насока, поддршката на Соединетите американски држава е секогаш тука и претставува силно охрабрување.

 

Посетите од нашите искрени пријатели даваат силна мотивација, како што беа посетите на Генералниот секретар на НАТО, господинот Столтенберг, како и посетата на командантот на Командата на американските сили во Европа и на Врховната команда на НАТО за Европа, генерал Куртис Скапароти.

За нас, исто така е значаен и интересот што господинот Матис го искажа и за нашите актуелни, домашни прашања кои се однесуваат на нашето членство во НАТО.

 

Му го пренесов нашиот интерес да организираме и да спроведеме успешен референдум како клучен момент за иднината на нашата земја.

 

Во духот на остварувањето на таа иднина, водиме политики за обединување на политичките фактори за ова прашање.

Повикуваме на единство кога станува збор за остварување на стратешките цели на граѓаните на нашата земја – членството во ЕУ и НАТО.

 

За Република Македонија интеграцијата во НАТО и ЕУ нема алтернатива. Тоа го потврдува и огромното мнозинство на нашите граѓани.

 

За граѓаните на Република Македонија консензусот по прашањето на нашето членство во НАТО е резултат за прифатените вредности што ги дели алијансата.

 

Тоа го докажуваме и со нашето активно учество во мисиите на НАТО. Армијата на Република Македонија е посветен партнер на американските и на војниците на другите земји членки на НАТО во мировните мисии.

 

Поканата за членство во НАТО што ја добивме во Брисел  на 12 јули оваа година, не охрабри да продолжиме уште поинтензивно со реформите и со подготовките кои што ќе не направат 30-та членка на Алијансата.

 

Нашите аспирации за членство во ЕУ и во НАТО подразбираат и добри соседски односи и регионална соработка.

 

Земјите од Западен Балкан, интегрирани во евро-атлантското семејство, се гаранција и за стабилна превенција од инволвирање на трети страни во регионот.

 

Постојано ги охрабруваме лидерите во регионот да се обединат за остварување на заедничките цели: одржлив мир, економски развој, регионална соработка и интеграција во Евро-атлантското семејство на народи.

 

Така се создава нова балканска иднина, и не радува што нашите стратешки партнери тоа го препознаваат, охрабруваат и го прифаќаат.

 

Благодарам.