„Отворената врата на нашата земја кон Европа ги донесе денеска нашите пријатели од деловната заедница на Финска на средба со македонските бизнисмени. Уверен сум дека овој бизнис форум ќе резултира со нови бизнис партнерства започнување на нови форми и проширување на секторите на соработка, што ќе придонесе за зголемување на целокупната трговска размена меѓу двете земји, но и нови инвестиции од Финска, како резултат на стабилното бизнис опкружување за инвеститорите, макроекономската стабилност и еднаквите, транспарентни услови за домашните и странските инвеститори, врз основа на законски уредени критериуми, со кои секој инвеститор однапред знае каква поддршка може да очекува од државата“, изјави министерот за економија Крешник Бектеши на бизнис форумот на тема: „Doing Business with Finland“, во организација на Стопанската комора на Македонија, во соработка со Амбасадата на Република Финска во Република Србија и „Finnpartnership.
Според министерот Бектеши, има голем простор за подобрување на соработката, со оглед на фактот што вкупната трговска размена меѓу двете земји е со релативно мал обем и во периодот 2015 – 2017 година се движи меѓу 9.1 и 16.8 милиони евра, додека кај инвестициите, во периодот од 1997-2017 година е регистриран прилив од Финска во износ од 1,4 милиони евра што претставува 0,03% во однос на вкупните СДИ во Република Македонија. Според Бектеши, радува порастот на фински туристи во Македонија, кој во ова полугодие изнесува 48% за разлика од истиот период лани односно 1.254 фински туристи оствариле 2.139 ноќевања и се очекува таа бројка да се зголемува по влезот на Република Македонија во НАТО.
„Со процесот на пристапување на Република Македонија кон ЕУ нашите две земји стануваат сѐ поблиски. Трговската соработка не е на највисоко ниво и се надевам дека денеска ќе изнајдеме нови начини и можности како да ја прошириме и зголемиме нашата билатерална соработка. Уверен сум дека како што ќе напредува пристапниот процес на Република Македонија кон ЕУ, сѐ повеќе ќе се зголемуваат нејзините економски со сите земјите членки на Унијата“, истакна Амбасадорот на Финска во Србија, задолжен и за Црна Гора и Македонија, Н.Е. Перти Иконен.
Финска е една од водечките земји во светот во многу индустрии и е позната по стабилно и просперитетно деловно опкружување, извозна ориентираност и успешни деловни релации како со нордиските земји, така и со единствениот пазар на Европа, а засега од Македонија најмногу увезува текстилни производи, но интересот се проширува и на индустријата за пластика и на машини.
Во име на домаќинот, добредојде на финските бизнисмени им посака Антони Пeшeв, претседавач на Собранието нa Стопанската комора на Македонија: „Средбата со финските бизнисмени е резултат на серијата меѓународни контакти кои треба да ја подобрат соработката со европските земји и убава можност да се запознаеме со потенцијалите за соработка со Финска, која се движи по нагорна линија, но не е сѐ уште структурирана и константна, а имаме продукти и можности да ја избалансираме трговската размена која изнесува околу 12 милиони евра“.
На форумот беше презентриана бизнис климата во Република Финска, како и можностите за соработка со фински компании коишто го познаваат македонскиот пазар и бараат деловни партнери во Македонија, а акцентот беше ставен на секторот за ИКТ, прехранбената и металната индустрија и животната средина.
Почесниот конзул на Република Финска во Македонија, Светозар Јаневски, пред присутните ја доближи Финска и нејзините особености: „Иако важи за мала земја, нејзината главна карактеристика е индивидуалниот пристап – како размислува поединец во група, како таа група размислува сама за себе, создавајќи посебна филозофија на живеење. Така, додека нивната Влада се грижи за дипломатските и глобалните прашања, локалната самоуправа ги прави сите планови за своите граѓани, од аспект на наталитетот, образованието, екологијата, индустријата. Позитивниот пристап и промените придонесоа Финска да биде позиционирана на врвот во Европа“.
Ова е прва од серијата деловни средби на СКМ меѓу македонските и финските бизнисмени, која треба да придонесе за изнаоѓање на нови можности за продлабочување на соработката меѓу Република Македонија и Финска.