Во врска со прес-конференцијата на ВМРО-ДПМНЕ, одржана на 22-ри октомври 2018 година, чувствуваме потреба да ја информираме јавноста, дека се работи за изнесување на неточни информации преку кои се прави обид да се наруши угледот на Владата на Република Македонија, на Претседателот на Владата, Зоран Заев и Заменикот на Претседателот на Владата, Кочо Анѓушев.
Јавноста и граѓаните заслужуваат да ја знаат вистината, нема да дозволиме политичките партии, поради лични интереси да ја извртуваат вистинската слика и поради тоа ги доставуваме следните информации:
Во Република Македонија во изминатите 10 години, за секоја изградена мала хидроцентрала која е изградена на државно земјиште се потпишува Договор за долготраен закуп.
Имајќи предвид дека до сега се изградени над 60 мали хидроцентрали по пат на концесија, значи дека потпишани се над 60 вакви договори за долготраен закуп. Што значи, ништо незаконски и ништо ексклузивно не се случило со донесувањето на одлуката за долготраен закуп, туку само се следени строго дефинираните обврски од Договорот за концесија и законската регулатива во Република Македонија.
ВМРО-ДПМНЕ знаат дека во дел од овие мали хидроелектрани сопственост има и актуелниот претседател на нивната партија, Христијан Мицкоски, а договорите за долготраен закуп биле потпишани додека тој бил дел од Кабинетот на поранешниот премиер Никола Груевски.
Одлуката за давање согласност за давање под долготраен закуп и склучување на договор за давање под долготраен закуп на градежно земјиште, сопственост на Република Македонија, по пат на непосредна спогодба на Друштво за производство, трговија и услуги МХЕ ТОПОЛКИ ДОО Скопје е врз основа на член 15 став (5) и член 72 став (2) од Законот за градежно земјиште („Службен весник на Република Македонија“, бр. 15/15, 98/15, 193/15, 226/15, 31/16, 142/16 и 190/16).
Согласно строго дефинираните обврски од Договорите за концесија, доделувањето на одлука за долготраен закуп на државно земјиште е право со кое се стекнува секој Концесионер, во случајот МХЕ ТОПОЛКИ ДОО Скопје, кој има потпишано Договор за концесија за вода за производство електрична енергија од мали хидроцентрали и е строго законска одлука, која не трпи волунтаризам туку мора да се спроведе.
Меѓусебните обврски на Концесионерот (МХЕ ТОПОЛКИ ДОО Скопје) и Концедентот (Владата) се строго дефинирани во Договорот за концесија и непочитувањето и непостапувањето по Договорот за концесија може да предизвика дополнителни спорови и штети на име на државата.
Би сакале да ја информираме јавноста дека Договорот за концесија во овој случај е склучен на 04.05.2015 година, за тендерска постапка објавена во 2014 година (Службен весник на РМ бр.15/14), односно во време кога д-р Кочо Анѓушев не бил на никаква позиција, односно не бил Заменик Претседател на Владата на Република Македонија.
Сакаме да потенцираме дека која и да е Влада составена од било кои партии или коалиции, која ќе прими вакво барање е должна да донесе ваква Одлука за долготраен закуп, односно Владата е должна да постапи со согласност со Договорот за концесија во кој едната страна е токму Владата. Вицепремиерот Анѓушев на Владината седница на која е донесена одлука се иззема од одлучување и за тоа има и изјава доставена до службите на Владата.