Премиерот Заев на одбележувањето на денот на ОН: Активно придонесуваме во остварување на Целите за одржлив развој на Обединетите нации бидејќи само така можеме да го направиме светот поубаво место за живеење

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев придружуван со неколку министри и заменици министри во Владата, денеска присуствуваше и се обрати на одбележувањето на денот на Организацијата на Обединетите Нации. Пред претставниците на неколкуте организации на Обединетите Нации кои дејствуваат во земјава, Премиерот Заев истакна дека Република Македонија, активно работи во остварувањето на Целите за одржлив развој на ОН. 

Во своето обраќање пред присутните, Премиерот Заев, меѓу другото рече: 

 

 

„Денот на Обединетите нации, кој е прогласен по повод стапувањето во сила на Повелбата на Обединетите нации е прилика да се потсетиме на целите и принципите од Повелбата. Целите и принципите ги повикаа лидерите на народите и државите да бидат целосно посветени:

  • На укажување за ужасите на војните и делбите меѓу народите;
  • На негување верба во основните човекови права, достоинство и вредност на човечката личност, еднакви права на мажите и жените и еднакви права на големите и малите нации; и 
  • На почитување на обврските што произлегуваат од договорите и другите извори на меѓународното право, за општествениот напредок и за подобри стандарди за живот во слободни општества.

Оваа година Денот на Обединетите нации го одбележуваме со укажувањата на ужасите на Првата светска војна која заврши пред 100 години, и со одбележувањето на 70-годишнината од усвојувањето на Универзалната декларација за човекови права во Париз на 10 декември 1948 година.

Секоја ера, секоја деценија од постоењето на ОН, имаше свои проблеми - големи и мали. 

И денес се соочуваме со големи проблеми. И понатаму има воени жаришта и страдања, што нè вознемирува сите. Миграциите, катастрофите предизвикани од климатските промени, нуклеарните закани и геополитичките тензии се заеднички предизвици за сите. 

Но, светот денес е многу подобар заради формирањето и постоењето на Обединетите нации. Тоа е организација во која сите седат на масата - и остануваат таму сè додека не се најде одговор на прашањата од интерес на народите.

Илјадници луѓе под амблемот на Обединетите нации, секој ден работат напорно, од дното на своето срце, за да обезбедат мир, правда и развој, во свет кој што ги прифаќа правилата на меѓународното право. Тоа е свет што избра да тргна напред, во потрага по точки околу кои ќе се обедини и од кои ќе се реализираат визиите за подобро утре за сите народи, за секој човек на земјата.

Во 2015 година, кога Обединетите нации го анализираа напредокот поврзан со Милениумските цели, беше констатирано дека екстремната сиромаштија и смртноста кај мајките се преполовени, смртноста кај децата се намали за половина, а 90% од децата во земјите во развој сега добиваат основно образование. Обединетите нации имаат клучна улога во овие достигнувања. 

Проблемите со кои се соочува денешниот свет - по дефиниција се меѓународни. Ниту една земја не може да ги реши сама. Треба да бидеме заедно и меѓусебно да соработуваме. Затоа вербата во ОН останува и понатаму силна. Таа верба не смее да биде изневерена.

Почитувани,

Република Македонија отсекогаш придавала големо значење на соработката со Обединетите нации. Мораме да бидеме искрени и да кажеме дека независноста и местото во меѓународната заедница на нашата земја беше, и сè уште е силно поддржана од мултилатералните институции.

Тоа е уште еден мотив повеќе, и ние како земја членка на ОН повеќе од 70 години, да го дадеме нашиот придонес во остварувањето на глобалните предуслови за одржлив развој на светската заедница на народите.

Република Македонија го дава својот активен придонес во остварувањето Целите за одржлив развој на Обединетите нации. Тоа не е само законска обврска која произлегува од ратификацијата на декларациите на ОН. Цивилизациската, хуманистичката, човечката обврска, е многу посилна од законската. 

Препознавањето на оваа обврска како врвен императив, нѐ прави да бидеме свесни граѓани и одговорни влади.

Почитувани пријатели, 

Сакам во оваа пригода посебно да ја изразам мојата благодарност, благодарноста на Владата на Република Македонија, како и на граѓаните на нашата земја до почитуваната постојана претставничка на Обединетите нации во Република Македонија, госпоѓа Луиза Винтон, која ја прифативме и секогаш ќе ја препознаваме како најискрена и посветена пријателка на нашата земја.

Воедно сакам да изразам благодарност на сите агенции и на сите претставници, вработени и волонтери на Обединетите нации во нашата земја, кои толку несебично го помагаа секој чекор на нашата земја од независноста до денес.

Нашата земја, според стандардите на Обединетите нации е земја со средно високи приходи. Овој факт укажува дека со зачленување во НАТО и со отпочнување на преговорите со ЕУ, Република Македонија ќе може сама да се грижи за својот развој, за зајакнување на институциите и за создавање на сите услови за безбеден живот и за пристап до сите права на нашите граѓани. И тоа е споделен успех на сите нас.

Дами и господа,

Со честитките по повод Денот на Обединетите нации, да си посакаме и понатаму заедницата на народите да ја направиме уште поуспешна. 

Со зборовите „Ние народите...“ отпочнува текстот на основачкиот акт на Обединетите нации. Да продолжиме по патот што го одредија основачите и да ја оствариме иднината за сите нас, на целото човештво. 

Иднина во која ужасите на војните и делбите меѓу народите ќе бидат само ехо од минатото. 

Иднина во која во целост и за секого се остварени основните човекови права, и еднаквите права на големите и малите нации. 

Иднина на меѓународна заедница на просперитетни и слободни народи“.