Министерството за внатрешни работи во периодот од јуни 2017 година до сега постојано работи на подобрување на условите за работа на полициските службеници, нешто што не е правено цела деценија, па полициските службеници беа доведени во ситуација да работат во субстандардни услови и без потребната опрема и униформи.
Раководство на МВР e отворено за соработка со синдикатите, без оглед на репрезентативноста, и тоа се гледа не само по бројните средби туку и со преземените активности. Секој реален предлог кој доаѓа од синдикалните организации за подобрување на условите за работа на полициските службеници го прифаќаме и реализираме.
Јавноста во изминатиот период беше сведок на реновирањето на десетина полициски станици и други објекти, како и набавка на униформи и друга опрема за да се овозможат подобри услови за работа на полициските службеници. Минатата недела нови униформи доби Единицата за специјални задачи, а деновиве се дистрибуираат униформите и за други полициски службеници.
Покрај тоа, од 1 декември оваа година ќе бидат зголемени и платите на полициските службеници.
Потенцираме дека и натаму интензивно ќе вложуваме во подобрувањето на условите за работа на полициските службеници, затоа што на тој начин ќе ги подобриме и резултатите во работата, од што бенефит ќе имаат граѓаните на Република Македонија.