Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, денеска се сретна со Луиза Винтон, која го завршува својот мандат како постојана координаторка на ОН во нашата држава.
На средбата, премиерот Заев изрази голема благодарност за личните заложби на координаторката на ОН, Винтон, за одржлив развој на нашата држава, на институциите, за успешна работа на локалните самоуправи, во заштитата на животната средина и спроведувањето бројни проекти во социјалната сфера, на што беше таа посветена изминатите пет години. Исто така, премиерот Заев изрази благодарност и за поддршката од Организацијата на Обединетите Нации и од УНДП во напредокот на Македонија на политички план и во општествените процеси.
Координаторката на ОН, Винтон упати честитки и поддршка до премиерот Заев за лидерството со кое што ја води Република Македонија и констатираше дека со тоа, тој обезбедува перспективи за граѓаните и за државата. Таа изрази и лична благодарност до премиерот Заев, за како што рече, создадените услови, посебно во изминатите година и пол, за развој на државава, поради што заминува од Македонија како подобра држава, споредено со времето на почетокот на нејзиниот мандат во земјава.
На средбата се разговараше и за актуелната политичка ситуација во Македонија и околу заокружувањето на политичкиот процес со реализација на Договорот од Преспа низ Парламентот.
- Ги продолжуваме и деновиве разговорите во Парламентот со пратениците кои покажуваат одговорност за овој важен процес за иднината на државата, околу финализирање на содржината на нацрт амандманите. Нашата цел е вклучување на сите заинтересирани, отворено работиме и нашите очекувања се во насока на зголемување на бројката пратеници од опозицијата, кои ќе ја дадат поддршката за Договорот од Преспа. Со тоа ќе отвориме светла иднина и добар живот за граѓаните во нашата држава, рече премиерот Заев.
На состанокот се разговараше и за реализација на иницијативата за помирувањето, без притоа да се наруши правниот поредок. Заеднички е заклучено дека инклузивниот процес на носење на реформите и на одлуките за стратешки прашања, е од голема важност за демократскиот амбиент и за граѓаните кои го очекуваат политичкото помирување.
Премиерот Зора Заев и координаторката на ОН, Луиза Винтон заклучија дека соработката со ОН и УНДП ќе продолжи, низ реализација на тековните проекти и преку унапредување на соработката, што се отвора како можност по спроведувањето на Договорот од Преспа и отворените евро-атлантски интеграции и можности за одржлив економски развој на Македонија.