Националниот координатор за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам, Борче Петревски, заедно со заменикот Национален координатор за борба против тероризам, Златко Апостолоски, како и претставници од Управата за извршување на санкции и казнено-поправните установи во Прилеп, Тетово и Шуто Оризари-Скопје учествуваа во регионалната конференција за справување со насилен екстремизам и радикализација која што може да доведе до тероризам при споделување на најдобри практики во управување со затворскиот и пробацискиот систем и програми за рахабилитација и ресоцијализација во Тирана, Република Албанија. Конференцијата беше организирана од страна на Националниот координативен центар за спречување на насилен екстремизам, Канцеларијата на Премиерот и Министерството за правда на Република Албанија во периодот 01-02.11.2018 година.
За време на конференцијата експерти, академици и практичари од земјите членки на Европската унија и земјите од Западниот Балкан споделија искуства и дебатираа на 6 теми: (1) насилен екстремизам и радикализација во системот на кривична правда, (2) меѓународни стандарди и добри практики, (3) превенција на насилен екстремизам и радикализација во затворскиот и пробацискиот систем во Република Албанија, (4) добри практики во програмите за рехабилитација и реинтеграција, (5) потреба од меѓуресорска соработка, како и соработка со верските и локалните заедници и организациите на граѓанското општество и (6) спречување на насилен екстремизам на национално ниво.
Националниот координатор имаше презентација и обраќање за време на панелот на кој се дискутираше шестата тема. Во својата презентација го претстави организациската структура и мандатот на Националниот комитет за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам, ја претстави тековната состојба во системот за кривична правда, тековните активности кои ги презема Владата на Република Македонија во тој поглед, и потребата за зајакнување на регионалната и меѓународната соработка.
Превенција и спречување на насилен екстремизам и радикализација во казнено-поправните и воспитно-поправните установи се клучни приоритети на Владата на Република Македонија врз основа на Националната стратегија за насилен екстремизам, која беше усвоена од Владата на Република Македонија на 06.03.2018 година. За успешно реализирање на приоритетите во тек се и се планираат повеќе активности на Владините министерства и институции во соработка со меѓународните партнери во Република Македонија и организациите од граѓанското општество.