Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев се обрати вчеравечер на Свечената академија по повод 70 години од основањето на Институтот за национална историја, која се одржа во Македонската академија на науките и уметностите.
„Имам чувство дека сите ние вечерва сме дел од историјата на нашата државност, имајќи го предвид фактот дека Институтот е основан како прва научна установа во 1948 година во нововоспоставената држава во редот на народите на светот. Создавањето на нашата држава беше остварување на вековниот стремеж на граѓаните во Македонија за своја држава, а Институтот - прва научна установа која имаше за цел да ја истражува, проучува и да ја пишува нејзината историја. Силна е таа симболика и врска на Институтот со македонската државност“, истакна премиерот Заев во обраќањето пред присутните.
Воедно, тој рече дека ИНИ е и чувар на колективната меморија која им дава на луѓето чувство на припадност. Историскиот континуитет остварен во средиштето на Балканот, како крстопат на цивилизациите, на народот на овие простори му го дава и паметењето на сите епохи кои оставиле траги на оваа територија. Но, според премиерот Заев, инсистирањето на етничките, на верските и на јазичните разлики и непочитувањето на сличностите произлезени од одредени периоди од историјата, доведува до стереотипно сфаќање за посебноста на историјата на секој од народите поодделно. Затоа, според него, треба да остане отворена можноста историјата да се согледува не од статична, застарена позиција, која застапува само една и единствена историска вистина, туку да им овозможи дијалог на различните погледи со световите со кои се споделувало заедничкото минато.
„Секоја земја и секоја генерација треба да го знае и да биде свесна за сопственото минато, но тоа не треба да се прави со промовирање на митови или со користење на политички мотивирани толкувања на историјата за напад на другиот, или на противниците. Свежи се лекциите и искуствата од современата историја што нѐ подучуваат дека треба да се воздржиме од злоупотреба на историјата за политичко профитирање. Единствениот начин да се справиме со употребата на минатото во политички цели е да се соочиме со тоа, да разговараме за тоа, да ги објасниме и разбиеме митовите ако тие се пречка за иднината“, подвлече премиерот Заев во обраќањето на Свечената академија.
На крајот, тој упати силна поддршка за подготвеноста на Институтот да организира важен меѓународен научен симпозиум, што е извонредна можност да се соочат историографските дилеми, како и да се побара одговор на научните предизвици во денешниот динамичен развој не само на регионот, туку и на севкупната човечка цивилизација. Тоа, според премиерот Заев, е вистинскиот и единствен начин.
„Современата историографија треба да биде во чекор со времето, со научната вистинољубивост, но и со етичките хуманистички стандарди. Сите историографски книги, тргнувајќи од еден чесен и принципиелен однос кон проучувањето на минатото, треба да имаат пристап кон историјата за таа да им служи на животот и на иднината, а не на поделбите и омразите“, истакна претседателот на Владата, посакувајќи им на присутните научници понатамошна плодна долгогодишна успешна работа на полето на историската наука и изразувајќи уверување за понатамошно партнерство и поддршка за нивната работа.
Претседателот на Владата на Република Македонија, како покровител на свечената академија по повод 70 годишнината од основањето на Институтот за национална историја, вчера вечер имаше свое обраќање во Македонската академија на науките и уметностите.
Обраќањето на премиерот Заев во го пренесуваме во целост:
Голема е честа да се биде дел од овој настан - 70 години од основањето на Институтот за национална историја. Имам чувство дека сите ние вечерва сме дел од историјата на нашата државност, имајќи го предвид фактот дека Институтот е основан како прва научна установа во 1948 година во нововоспоставената држава во редот на народите на светот.
Создавањето на нашата држава беше остварување на вековниот стремеж на граѓаните на Македонија за своја држава, а Институтот за национална историја, прва научна установа која имаше за цел да ја истражува, проучува и да ја пишува нејзината историја.
Силна е таа симболика и врска на Институтот со македонската државност.
Може да се каже дека Институтот за национална историја растеше со државата. Заеднички минуваа низ сите предизвици низ кои минуваше и Република Македонија. Секогаш со полна посветеност ја исполнуваше својата мисија:
- Да ги истражува историските процеси во Македонија и на Балканот;
- Да публикува врвни научни дела и студии;
- Да организира и да учествува во настани, симпозиуми и конференции;
- Да обучува и создава нови врвни историчари, и со сите тие, и многу други активности да го дава својот значаен придонес во науката и во развојот на културата во Република Македонија и во светската научна заедница.
Институтот за Национална Историја е и чувар на колективната меморија која им дава на луѓето чувство на припадност.
Но има и еден друг, особено значаен момент кога станува збор за историското место на народот во Македонија: Историскиот континуитет остварен во средиштето на Балканот, како крстопатот на цивилизациите, на народот на овие простори му го дава и паметењето на сите епохи кои оставиле траги на оваа територија.
Оттаму, во колективното наследство на народот на овие простори истакнувањето и инсистирање на етничките, на верските и на јазичните разлики и непочитувањето на сличностите произлезени од споделувањето на одредени периоди од историјата, доведува до стереотипно сфаќање за посебноста на историјата на секој од народите поодделно.
Таквата позиција носи во себе ризици да се создаваат претстави дека секоја национална историја е една, единствена, уникатна, изолирана од другите.
Токму затоа на историографијата и припаѓа одговорноста историјата на соседните народи и историјата на сопствениот народ да ја гледаат во една мулти перспективност.
Со други зборови, треба да остане отворена можноста историјата да се согледува не од статична, застарена позиција, која застапува само една и единствена историска вистина. Напротив, да им овозможи на различните погледи да стапат во дијалог со световите што некогаш постоеле и со кои се споделувало заедничко минато.
Секогаш се покажува како контрапродуктивно кога се инсистира на ексклузивност. Особено на Балканот како точка на која се вкрстувале цивилизации и цивилизации. Тоа е уште еден аргумент против инсистирањето на ексклузивност по секоја цена и против тоа таквата исклучивост да се претвори во прашање - да се биде или не. Или на нешто со што треба да завладеат владејачките елити од било која епоха.
Секоја земја и секоја генерација треба да го знае и да биде свесна за сопственото минато, но тоа не треба да се прави со промовирање на митови или со користење на политички мотивирани толкувања на историјата за напад на другиот, или на противниците.
Свежи се лекции и искуствата од современата историја што не подучуваат дека треба да се воздржиме од злоупотреба на историјата за политичко профитирање.
Единствениот начин да се справиме со употребата на минатото во политички цели е да се соочиме со неа, да разговараме за тоа, да ги објасниме и разбиеме митовите ако тие се пречка за иднината.
Споделениот поглед на историјата може да ги мотивира луѓето да преземат акција за да се обезбеди иднината.
Таквиот пристап ѝ дава шанса на надежта дека историјата може да се промислува отворено, критички, без предрасуди. Тоа е можност историското минато да го разбереме посеопфатно и на тој начин да ја разбереме и исклучителната состојба во која живееме како предност за заедничко промислување и креирање на заедничка иднина.
Впрочем тоа се и европските вредности. Тоа е столбот на кој се издигна и на кој се гради иднината на народите како еднакви членки на Европската Унија.
Почитувани учесници на свечената академија и на меѓународната конференција „Балканската историографија и современите предизвици“.
Ова мое обраќање го завршувам со упатување на силна поддршка, во мое име и во име на Владата на Република Македонија, и како признание за подготвеноста на Институтот за национална историја да организира една толку важна, суштествена, тематска конференција.
Идејата на организаторите на овој меѓународен научен симпозиум да ги собере и да ги обедини на едно место историчарите, но и научниците од хуманистичките и од општествените науки, од регионот и од светот, е од огромно значење.
Тоа е извонредна можност, овде во срцето на Балканот, да се соочат историографските дилеми, дебати, несогласувања и споделувања. Да се побара одговор на научните предизвици на денешниот динамичен развој не само на регионот, туку и на севкупната човечка цивилизација.
Тоа е вистинскиот и единствен начин.
Современата историографија треба да биде во чекор со времето, со научната вистинољубивост, но и со етичките хуманистички стандарди.
Сите историографски книги, тргнувајќи од еден чесен и принципиелен однос кон проучувањето на минатото, треба да имаат пристап кон историјата за таа да им служи на животот и на иднината, а не на поделбите и омразите.
Во тоа име, дозволете ми уште еднаш да Ве поздравам и да Ви посакам понатамошна плодна и дологогодишна успешна работа на полето на историската наука во Република Македонија.
Ве уверувам дека Владата на Република Македонија останува отворен партнер со силна поддршка за вашата работа.