Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Димитров, на 7 и 8 ноември 2018 година, престојува во работна посета на Сојузна Република Германија, на покана на претседателот на Комисијата за ЕУ прашања во германскиот Бундестаг, Гунтер Крихбаум.
Во своето обраќање пред членовите на оваа Комисија, МНР Димитров брифираше за најновиот развој на внатрешно политичките состојби во Република Македонија, со акцент на претстојните активности поврзани со целосна имплементација на Договорот од Преспа. Министерот Димитров се осврна и на реформската ЕУ и НАТО агенда, како и на македонскиот придонес во развојот на добрососедските односи и регионалната соработка во Југоисточна Европа. Министерот Димитров нагласи: „Решени сме да успееме и на следната средба заедно да го прославиме отворањето на пристапните преговори со ЕУ.”
MНР Димитров оствари средба и со Јан Хекер - советникот за надворешна политика на германската канцеларка, Ангела Меркел. Двајцата соговорници дискутираа за билатералната соработка меѓу двете земји, при што беше укажано дека реализацијата на реформите во Република Македонија се, пред сѐ, за бенефит на самите граѓани и трансформација на земјата во кредибилна европска демократија. Заеднички беше потврдено дека историската посета на канцеларката Меркел на 8 септември е доказ за исклучително високото ниво на македонско-германските односи.
Посетата на Берлин МНР Димитров ја искористи и за одвоени средби со управниот директор на Фондацијата „Фридрих Еберт“, Роланд Шмид, како и со заменик-директорот за европска и меѓународна соработка во Фондацијата „Конрад Аденауер“, Франк Прис. На средбите МНР Димитров им се заблагодари на соговорниците за дводецениските активности на двете фондации во Република Македонија и нивниот придонес во политичката и социо-економската трансформација на македонското општество.
Министерот Димитров одржа и предавање на Институтот за општествени науки при Универзитетот Хумболт на тема „Дипломатија, демократија и компромис во Западен Балкан-прогресивниот пат на Македонија кон пристапот во ЕУ и лекциите за регионот”. МНР Димитров нагласи: „На долг рок, единствената визија за стабилен и просперитетен регион е онаа водена од конструктивен и продуктивен натпревар. Ова зависи од европската интеграција на Регионот. Без тоа, наместо стоки и услуги, Регионот ќе извезува луѓе и нестабилност”.
МНР Димитров имаше и средба со специјалниот координатор на активностите на Германско-француската канцеларија за млади во регионот на ЈИЕ, Франк Моравjец, на која беа дискутирани проектите за соочување со минатото и надминување на разликите за одредени историски настани во регионот на ЈИЕ.
Во текот на утрешниот ден, МНР Димитров ќе оствари средба и со својот хомолог, МНР на СР Германија, Хајко Мас.