Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања д-р Кочо Анѓушев, заедно со деканот на машински факултет, проф. д-р Дарко Данев, деканот на Факултетот за информатички науки и компјутерско инжинерство, проф. д-р Иван Чорбев и продеканот за наука и меѓународна соработка на Факултетот за електротехника и информатички технологии, проф д-р Владимир Димчев, остварија средба со студенти од трета и четврта година од наведените факултети на која ги презентираа можностите за започнување сопствен бизнис, поддршката за мали и средни претпријатија, технолошки развој и иновации.
Вицепремиерот Анѓушев преку реални примери ги охрабри студентите, по завршувањето на студиите, да преземат чекори за формирање на сопствен бизнис, да ги искористат идеите кои ги имаат, за повисок животен стандард, но и за да остават нешто зад себе, за идните генерации. Ги посоветува во првите неколку години по студиите, да го стекнат неопходното искуство во струката, да го запознаат пазарот и можностите кои се нудат и на тој начин поподготвени да влезат во остварување на своите цели. Тој нагласи дека сопствениот бизнис носи многу бенефит, но и многу предизвици.
Анѓушев потенцираше дека денес, за разлика од периодот кога тој започнувал со сопствен бизнис, мерките за поддршка на младите луѓе и на стопанството во Република Македонија се многубројни и веројатно се нудат најголем број можности за младите од сите земји во регионот. Се нудат неповратни средства и заеми за самовработување преку Агенцијата за вработување на Република Македонија, како и значителни средства за поддршка на стартап и спиноф компании преку инструментите на Фондот за иновации.
Деканот на машински факултет, Данев подвлече дека во насока на промоција на формирање на сопствен бизнис како концепт, за студентите на овој факултет, уште во 1997 година во наставните програми е воведен предметот претприемништво. Дополни дека за поттикнување на претриемништвото, изминатите години се посветувало многу внимание, па во рамките на факултетот функционира Центарот за истражувања, развој и континуирано образование ЦИРКО, Центарот за развој на сопствен бизнис кој досега поддржал 60-ина компании, а веќе од наредната година ќе започне со работа и бизнис аксцелератор, кој е заедничка иницијатива на повеќе факултети кои работат во Скопје.
Деканот на ФИНКИ, Чорбев нагласи дека на овој факултет освен на стекнување на теоретско знаење, се нуди и практично искуство и дека во наставните програми, освен предмети поврзани со инфоматичката технологија, се изучуваат и голем број на предмети поврзани со економијата и менаџментот, за да студентите стекнат базични знаења и за овие теми.
Настанот се организираше во просториите на ИНОФЕИТ, центар за трансфер на технологии и иновации на Факултетот за електротехника и информатички технологии, во чии рамки, како што рече продеканот Димчев, веќе се формирани и успешно функционираат две спиноф компании.