Денеска во просториите на Секретаријатот за европски прашања се одржа прес конференција по повод одбележувањето на 22 ноември - денот на албанската азбука и 110 годишнината од Битолскиот конгрес, во рамките на која свои обраќања имаа Заменик Претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи; Директорот на Институтот за духовно и културно наследство на Албанците, Скендер Асани; Државниот секретар во Министерството за култура, Валмир Азири и албанскиот виолинист - Шкелзен Доли, кој воедно е дел и од Виенската филхармонија, и кој, со концерт за виолина ќе настапи на централниот настан за одбележување на јубилејот, заедно со Македонската филхармонија.
„Денот кога интелектуалните потенцијали на Албанците од целиот свет успеваат да се обединат во насока на унификацијата на сопствената азбука, претставува историската точка на литературното, интелектуално, културолошко, но и етничко обединување на сите Албанци - истакна Османи, посочувајќи на фактот што овој историски настан, пред 110 години се одржал во Битола, што, посочи Османи, има посебна важност за Албанците од Македонија. Во оваа насока Османи додаде дека токму затоа Денот на одржувањето на Битолскиот конгрес - 22 ноември, како Ден на албанската азбука, претставува празник и неработен ден за Албанците од Македонија, но и важен ден за сите граѓани на земјава, потврдувајќи ја во историски контекст земјава како светска лулка на писменоста.
Во продолжение Вицепремиерот Османи истакна дека оваа година Владата на Република Македонија, заедно со Собранието на Република Македонија, го задолжи Секретаријатот за европски прашања, да ги организира настаните поврзани со одбележувањето на овој јубилеј.
„За Денот на албанската азбука и 110 години од Битолскиот конгрес, под слоганот „За нас сонцето изгрева на запад“ подготвивме организација на повеќе настани, во Скопје и Битола, кои ќе бидат крунисани со концерт на виолина на уметничкиот великан Шкелзен Доли, со Македонската филхармонија, под диригентската палка на Михаел Мацијашчик од Полска, кој ќе се одржи во просториите на Македонската филхармонија, во четврток на 22 ноември со почеток во 19 часот.“ - истакна Османи, потврдувајќи дека настанот ќе се пренесува во живо на вториот програмски сервис на МРТВ 2, а посочи и на најавите за директен пренос и на некои национални телевизии од Косово и Албанија, како и пренос во живо на интернет.
Во рамките на одбележувањето на денот на албанската азбука и 110 годишнината од Битолскиот конгрес предвидени се и повеќе настани во Скопје и Битола, како што е Панел во рамките на Музеј - Куќата на албанската азбука во Битола, по што ќе следи и научна конференција во хотелот Епинал, како и промоција на повеќе книги и научно истражувачки трудови, а од денес и официјално ќе биде поставен наменскиот веб сајт, на кој ќе бидат поставени интересни историски факти за унификацијата на азбуката, за Конгресот во Битола, но и уметнички содржини од албанската литература, поезија итн...