Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, денеска ја отвори 3-та сесија на работната група за Земјоделство и рурален развој, организиранa од Националната конвенција за Европска унија во Република Македонија.
Фокусот на денешната конференција беа земјоделските задруги, бенефитот за вкупното земјоделство од здружувањето и мерките кои што Владата ги презема во оваа насока.
„Наша цел е да поттикнеме модернизација на македонското земјоделство и зголемување на неговата конкурентност. Со развојот на земјоделските задруги го постигнуваме токму тоа. Овозможуваме здружување на земјоделските производители, со што им следуваат бројни економски и социјални придобивки. Ова е значаен проект за македонското земјоделство, бидејќи со развојот на земјоделските задруги следуваат бројни економски и социјални придобивки за земјоделците “, изјави министерот Николовски.
Преку здружувањето во задруги земјоделците можат полесно да аплицираат за финансиска поддршка преку програмите на МЗШВ, наменети за земјоделство и рурален развој, како и друг вид на поддршка што им е достапна на земјоделските задруги преку Инструментот за претпристапна помош на ЕУ за рурален развој односно ИПАРД Програмата.
Во оваа насока во тек е реализацијата на проектот „Поддршка за развој на земјоделските задруги во Република Македонија“ ,финансиран од Инструментот за претпристапната помош на Европската унија, започна во декември 2017 година и ќе трае 4 години. Тој предвидува директна техничка и финансиска поддршка во вид на грантови на 8 постоечки и 12 новоформирани задруги, како и поддршка на МЗШВ во однос на подобрување на постоечката законска регулатива, со која се регулира функционирањето на земјоделски задруги.
Досега беа објавени два јавни повика на кој што пристигнаа 51 апликација. Од нив 20 апликации се од постоечките задруги, а 31 апликација се за формирање на нови задруги. Сите тие ќе добијат техничка помош и помош за изготвување на бизнис планови. Во периодот што следува ќе се објави уште еден повик на кој што од сегашните пристигнати апликации, ќе се изберат 12 нови и 8 постоечки задруги кои ќе добијат финансиска поддршка. Просечната сума на грантовите ќе изнесува 50.000 евра, а максималната 80.000 евра, со 20% кофинансирање.
Исто така, за првпат после 5 години, се реализира Мерката 131 Економско здружување на земјоделски стопанства за заедничко вршење на земјоделска дејност во рамки на Националната програма за рурален развој за 2018 година. Оваа мерка опфаќа неколку подмерки и видови на поддршка, со што дополнително ќе се поттикне формирањето за земјоделски задруги и нивно функционирање.