Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев имаше свое обраќање на Свечената академија по повод одбележувањето на 110 годишнината од албанската азбука.
На свеченоста свои обраќања имаа и Претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери, Претседателот на ДУИ, Али Ахмети, Претседателот на Република Албанија, Илир Мета и Претседателот на Република Косово, Хашим Тачи.
Ви го пренесуваме во целост говорот на Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев.
„Организацијата на оваа свечена академија по повод 110 годишнината од стандардизацијата на албанската азбука е само еден дел од содржините и настаните што овие денови со голема почит ги посветуваме на овој значаен настан од историјата на албанскиот народ и од историјата на Република Македонија.
На денешен ден, во 1908 година, во Битола заврши Битолскиот Конгрес на кој се создаде албанската стандардизирана азбука. Конгресот бил свикан на 14 ноември и на него присуствувале делегати од Албанија, и од албанските заедници во Романија, Египет, Америка, Грција, Турција, Италија и други земји.
Според бројот и важноста на учесниците, Конгресот во Битола бил најзначаен културен настан за албанскиот народ на почетокот на 20. век, за што денес сведоштво се експонатите во поставката на Музејот на албанската азбука во Битола. Таа содржи 56 фотографии и повеќе од 230 документи во дигитална и хартиена форма, меѓу кои и првиот пишуван запис на албанскиот јазик од Пал Енѓели од 1462 година, превод на албански јазик на Eвангелието, повеќе варијанти на албанската азбука што се користеле до усвојувањето на современата албанска азбука, како и одлуката за создавање модерна азбука на албанскиот народ.
На Конгресот е решено азбуката да се состои од 36 латински букви, којашто е во употреба до ден денес. За потребите на печатење на книги и весници со албанска азбука, во Битола тогаш се отворила и првата печатница, позната како Битолска Печатница, во која се печателе првите буквари, училишни текстови и неделниот весник „Башкими и Комбит“.
Јазикот и негова соодветна азбука се дел од генетскиот код на еден народ. Во тој генетски код се елементите на идентитетот и потенцијалите за комуникација, општествена интеграција, за образование и развој.
Наша должност, должност на државата е да ги почитува, чува и негува јазикот и писмото на секоја нејзина заедница.
На тоа не повикуваат и европските вредности, како вредности што ги прифативме како наши на патот на нашата интеграција во Европската Унија.
Јазикот и писмото се најсилните средства и за чување и за афирмација на духовното наследство на една заедница.
Денес, кога го славиме значајниот јубилеј - 110 години од албанската азбука - вреди да ја споменеме исклучителната мисија што ја изврши големиот албански писател Исмаил Кадаре, кој, благодарение на стандардизацијата на албанскиот јазик и писмо, беше преведуван на стотици други светски јазици. Неговите дела, како и делата на десетици други писатели, научни работници и публицисти од албанскиот духовно-културен круг, ја ширеа вистината и културата на албанскиот народ од Албанија и од регионот.
Тоа е силен доказ дека јазикот и писмото се мостови до другите традиции, култури и духовни наследства. Тоа се клучевите што ги отвораат портите на другите светови за да се запознаваат, почитуваат и да се помагаат едни со други.
Почитувани,
Ние во Република Македонија имаме шанса на најдобар можен начин да ја промовираме и практикуваме големата европска идеја - Обединети во различностите.
Затоа со право можеме да го истакнеме фактот дека прогласувањето на денешниот ден за официјален празник на албанското писмо, е составен дел од јазичното и од културното богатство на Република Македонија.
Одбележувањето на културните вредности, датуми и традиции на сите етнички заедници, вклучувајќи ја и албанската, е во суштината, во основата на нашето мултикултурно општество.
Прифаќањето на таа реалност е силен придонес за просперитетна иднина и за благосостојба на сите граѓани.
Нашата определба е да градиме и негуваме општество еднакво за сите. Нашата цел е да изградиме граѓанско општество, истовремено со почит кон етничките, националните, верските и културните разлики. Тоа е посебноста и суштината на нашето заедништво што се градеше со векови и што претставува обврска за нашата заедничка иднина.
Со право се залагаме и велиме дека етничката и јазичната разноличност на нашето општество ги сметаме за наша предност. За наше заедничко богатство.
Празникот - Ден на албанската азбука, заеднички да го прославуваме и со тоа заеднички да ги славиме постоењето и зближувањето на културните традиции, кои на овие простори опстојувале заедно со векови.
Нашата заедничка иднина, иднината на сите наши граѓани ќе ја изградиме без затворање во етноцентрична култура.
Нашиот модел за иднината започнува со почитувањето на сите заедници во која различните културите ќе се почитуваат, ќе соработуваат, ќе се надополнуваат и меѓусебно ќе се збогатуваат.
Благодарам, и уште еднаш: Нека е честит Денот на албанската азбука.“