Денеска во Владата на Република Македонија се одржа дебата на тема „Системски решенија за регистрација на лицата без документи и спречување граѓаните да останат без државјанство“. На настанот свои обраќања имаа Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, шефот на делегацијата на Европската Унија, Самуел Жбогар, шефот на мисијата на ОБСЕ во Скопје, Клеменс Која и претставникот на УНХЦР во Скопје, Дејан Кладарин.
Во своето обраќање премиерот Зоран Заев, искажа големо задоволство да учествувам во настани кои со својата поширока рамка ја опфаќаат идејата „Едно општество за сите“, која е еден од врвните приоритети на нашата земја, на исто рамниште со нашите заложби за економски раст, за нашите аспирации за членство во ЕУ и НАТО и за мир, безбедност и соработка во регионот.
„Владата на Република Македонија, односно Министерството за труд и социјална политика, како координатор на активностите за решавање на овој проблем, заедно со Управата за водење на матични книги во Април оваа година, отвори ЈАВЕН ПОВИК до сите лица кои не се евидентирани во Матичните книги на родените да дојдат до подрачните единици на Управата и да пополнат Прашалник за причините на нивното неевидентирање.
За да биде целосна и сеопфатна оваа акција, во соработка со останатите институции на системот, како што се МВР, Управата за водење матични книги и Центрите за социјална работа, беа формирани локални мобилни тимови кои имаа за цел да остварат директни контакти со лицата што не се евидентирани.
Посебно значајна беше, и сè уште е, соработката со ромските граѓански здруженија, како и со Ромските информативни Центри, со чија помош се направи Посебен електронски Регистар за овие лица.
Оваа меѓу институционална соработка, поврзана со соработката со организациите за поддршка на клучните прашања кои се од суштинска важност за припадниците на нашата Ромска заедница, се покажа како исклучително потребна и полезна.
Резултат на таа соработка е и оваа дебата, на која заедно силната поддршка на меѓународните организации како што се ОБСЕ и УНХЦР, ќе се разгледаат најсоодветните решенија за институционално-правната рамка за евидентирање на сите лица на кои треба да им се обезбеди основната лична документација за да се стекнат со граѓански кој потоа ќе им ги обезбеди сите погодности што ги имаат и сите други граѓани на нашата земја“, истакна премиерот Заев.
За време на обраќањето министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска потенцираше дека ваквите настани овозможуваат да се разменат идеи и искуства за решавање на овој проблем.
„Систематски го решаваме проблемот со лицата без документи, кој со години беше игнориран од надлежните институции. Во оваа категорија се најчесто лица од најранливите општествени слоеви, на кои им е најпотребен пристап до социјалните услуги.
Ова ќе го постигнеме само ако граѓаните ги направиме видливи во системот. Со посветена работа успеавме на терен да идентификуваме 650 лица нерегистрирани во Матичната книга на родени и тие се веќе евидентирани во посебниот Регистар.
Наш став е дека на секој од нив треба да им се овозможи пристап до социјалните права, здравство, образование и сите државни услуги, додека не заврши процедурата за нивен упис во Матичната книга на родени. На овој начин ќе докажеме дека создаваме општество кое не дискриминира и не заборава никого“, кажа министерката Царовска.
На настанот се обрати и шефот на делегацијата на Европска Унија, Самуел Жбогар кој нагласи дека проблемот на граѓаните кои не поседуваат лични документи е решливо прашање за една држава, но го менува животот на засегнатото лице во позитивна насока, и додаде дека „институциите и организациите треба да утврдат што е направено и што останува да се направи за системско решавање на проблемот на овие луѓе, вклучувајќи во процесот претставници на ромската заедница како најзасегнати од овој проблем“.
Шефот на мисијата на ОБСЕ во Скопје, Клеменс Која во своето обраќање истакна дека „опциите за системски решенија ќе ѝ помогнат на државата да го реши проблемот со незапишани лица, со што целосно ќе се прекинат постојните недоследни, па дури и повремено дискрециски практики во канцелариите за матична евиденција. Исто така ќе ги упростат барањата за докази во управни и судски постапки, кои се потребни за да се изврши упис на раѓање“.
Претставникот на УНХЦР, Дејан Кладарин во своето обраќање го нагласи придонесот на Владата на РМ за обновените напори во 2018 во насока на идентификација на незапишани лица и изнаоѓање системски решенија.
„Во склад со нашиот светски мандат, УНХЦР ќе продолжи да ја поддржува Владата да ја постигне таа цел, која вклучува решенија не само за лицата чиешто раѓање не било запишано, туку и за оние лица чие државјанство не е потврдено по 1991г. Благодарни сме за заложбата на Владата да го искорени бездржавјанството и се надеваме дека многу наскоро државата ќе им се придружи на другите држави од Западниот Балкан со ратификација на Конвенцијата за намалување на бездржавјанството од 1961г., а со тоа ќе преземе уште еден важен чекор во борбата за искоренување на бездржавјанството“, изјави Кладарин од Претставништвото на УНХЦР во Скопје.
На овој настан беше презентирана и анализата на правната рамка поврзана со раѓање и регистрација на граѓаните, во контекст на спречување граѓаните да останат без државјанство од страна на професорот на Правниот факултет Јустинијан Први, Борче Давитковски, кој направи споредба на состојбите во изминатите години со сегашната состојба на лицата кои не поседуваат никаков документ и ја поздрави иницијативата за организирање на ваков настан кој поттикнува побрзо решавање на овој проблем.
По презентацијата на анализата која даде поширока слика за состојбите низ годините, беше отворена и дискусијата во која присутните произнесоа свои мислења за решавањето на овој проблем, и го поздравија ветувањето на Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев и на министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска дека до крајот на годинава ќе се најде решение за проблемот и дека почесто ќе бидат организирани ваков тип на настани.
Интегрално обраќање на премиерот, Зоран Заев на дебатата на тема „Системски решенија за регистрација на лицата без документи“
По повод дебатата која денеска се одржа во Владата на Република Македонија на тема „Системски решенија за регистрација на лицата без документи и спречување граѓаните да останат без државјанство“, во продолжение ви го пренесуваме целосно обраќањето на претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев.
„Секогаш со големо задоволство учествувам во настани кои со својата поширока рамка ја опфаќаат идејата „Едно општество за сите“. За мене оваа идеја е еден од врвните приоритети на нашата земја, на исто рамниште со нашите заложби за економски раст, за нашите аспирации за членство во ЕУ и НАТО и за мир, безбедност и соработка во регионот.
Оттаму, секоја покана да учествувам на настан кој придонесува идејата за „Едно општество за сите“ да се промовира, усовршува и имплементира, ја доживувам и како мој должност и обврска.
Концептот „Едно општество за сите“ никогаш нема да се реализира во неговата целост доколку макар и еден граѓанин на нашата земја остане надвор од она што значи институционална грижа за секој наш сограѓанин, без исклучок.
Ова особено се однесува на нашите сограѓани од социјално ранливите групи кои се соочуваат дури и со елементарните проблеми. Еден од тие проблеми е што дел од тие наши граѓани не се евидентирани, почнувајќи од системот на матичните книги на родените, заради што им се оневозможува граѓанско-правниот идентитет.
Оваа ситуација потоа им го спречува пристапот до социјална заштита и другите права во Центри за социјална работа, во здравствени институции, во Агенција за вработување на Република Македонија, и во другите институции.
Овој проблем, како последица, им го попречува на овие граѓани остварувањето на основните човекови права.
Во таа насока, Владата на Република Македонија, односно Министерството за труд и социјална политика, како координатор на активностите за решавање на овој проблем, заедно со Управата за водење на матични книги во Април оваа година, отвори ЈАВЕН ПОВИК до сите лица кои не се евидентирани во Матичните книги на родените да дојдат до подрачните единици на Управата и да пополнат Прашалник за причините на нивното неевидентирање.
За да биде целосна и сеопфатна оваа акција, во соработка со останатите институции на системот, како што се МВР, Управата за водење матични книги и Центрите за социјална работа, беа формирани локални мобилни тимови кои имаа за цел да остварат директни контакти со лицата што не се евидентирани.
Посебно значајна беше, и сè уште е, соработката со ромските граѓански здруженија, како и со Ромските информативни Центри, со чија помош се направи Посебен електронски Регистар за овие лица.
Оваа меѓу институционална соработка, поврзана со соработката со организациите за поддршка на клучните прашања кои се од суштинска важност за припадниците на нашата Ромска заедница, се покажа како исклучително потребна и полезна.
Резултат на таа соработка е и оваа дебата, на која заедно силната поддршка на меѓународните организации како што се ОБСЕ и УНХЦР, ќе се разгледаат најсоодветните решенија за институционално-правната рамка за евидентирање на сите лица на кои треба да им се обезбеди основната лична документација за да се стекнат со граѓански кој потоа ќе им ги обезбеди сите погодности што ги имаат и сите други граѓани на нашата земја.
Почитувани,
Кога зборуваме за „Едно општество за сите“, ние застапуваме став дека - никој нема да биде запоставен.
Го прифативме овој принцип зашто силно веруваме во него и затоа што сме подготвени да ги реализираме сите неопходни предуслови нашата земја, Република Македонија, навистина да се препознава како општество еднакво за сите. Суштински, а не само како политичка определба.
Ги создаваме предусловите за да го оствариме тоа: Фундаментално е почитувањето на сите човекови права и слободи, секаде, секому и во секое време, како и владеењето на правото, и на национално и на меѓународно ниво. За секој член на нашето општеството, без разлика неговата или нејзината етничка, политичка припадност и социјалната положба.
Создаваме инклузивно општество во кое сите граѓани можат, и се мотивирани да учествуваат во граѓанските, социјалните, економските и политичките активности. Така добиваат можност да учествуваат процесите на донесување одлуки кои влијаат врз нивните животи.
Само така се поттикнуваат принципите на инклузивност.
Во општество еднакво за сите, секој поединец или заедница мора да има еднаков пристап до сервисите и услугите на државата.
Само така ќе покажеме дека градиме интегрирано општество кое не дискриминира и не запоставува.
Благодарам, и ви посакувам успешна дебата и најдобри заклучоци за сите прашања кои се отвораат од оваа дебата.“