Средба на премиерот Заев со амбасадорот Митровиќ : Односите меѓу Македонија и Црна Гора одат во нагорна линија, активните развојни политики на премиерот и Владата отвораат пат за интеграциите и економска соработка

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, денеска се сретна со  Предраг Митровиќ, амбасадор на Република Црна Гора, кој го завршува својот мандат во Република Македонија.

На средбата е заеднички констатирано дека пријателските односи помеѓу Македонија и Црна Гора се движат во нагорна линија и дека таа меѓусебна поддршка носи добро на граѓаните на двете земји, на државите и на регионот.

Амбасадорот Митровиќ ги поздрави активните развојни политики на премиерот Заев и на Владата, што ги отвораат евро-атлантските интеграции на Македонија.

Амбасадорот Митровиќ нагласи дека е голем интересот од Црна Гора за интензивирање на економската соработка меѓу Македонија и Црна Гора и најави дека тој ќе продолжи да ја помага таа соработка и во иднина.

Разговарано е посебно за можностите за поддршката на малите и средни претпријатија во двете држави, што придонесува во зајакнувањето на економијата, како и за размена на позитивни искуства од светот на овој план.

- Очекуваме успешна реализација на Договорот од Преспа и интеграција на Македонија во НАТО. Тоа дополнително ќе ги мотивира странските инвеститори за вложувања во Македонија, како и што покажуваат искуствата од Црна Гора, по влезот во Алијансата, рече премиерот Заев.

Претседателот на Владата, Заев, се заблагодари на амбасадорот Митровиќ за неговите заложби за продлабочување на соработката меѓу Македонија и Црна Гора, во сите области, вклучително и на економски план, со оглед дека во амбасадата на Црна Гора во Македонија е отворено посебно економско одделение. Амбасадорот на Република Црна Гора, Предраг Митровиќ рече дека во Република Македонија се чувствува како дома, за што им заблагодари на граѓаните на нашата држава.