МЗШВ Николовски: Усвоена нова дополнителна субвенција од 5 денари за килограм предадена оризова арпа

Владата на денешната седница донесе одлука за воведување на нова интервентна мерка за земјоделците производители на ориз. Конкретно, земјоделците ќе добијат 5 денари за килограм произведена и предадена оризова арпа во регистрирани откупувачи. Владата ја донесе оваа одлука поради нарушениот баланс помеѓу понудата и побарувачката и многу ниската откупна цена. Со оваа нова дополнителна субвенција ќе се поттикне  договорениот откуп на оризова арпа од реколтата 2018 година, од што бенефит ќе имаат и земјоделците. Субвенцијата се однесува за количините кои се произведени и предадени во период од 1-ви октомври до 25 декември 2018 година и  кои не надминуваат 5,5 тони по хектар.

 

 

„Со новата мерка се очекува да бидат субвенционирани околу 5.000 тони оризова арпа во висина од 5 денари по килограм, поради што се очекува поддршката за оваа мерка да изнесува околу 25 милиони денари или 400 илјади евра. Субвенциите ќе бидат исплатени од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2019 година“, изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски. 

Истовремено на оризопроизводителите им стојат на располагање мерките од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството. Односно, оваа година  субвенцијата со користење на сертифициран семенски материјал е 12.000 денари по хектар, за без семенски материјал е 6.000 денари. Но, со годинешната Програма, за 20 отсто ја зголемивме субвенцијата за растително производство вклучително и за оризот за земјоделците со развоен капацитет. Конкретно, за оние кои имаат површини од 5 до 50 хектари, субвенцијата изнесува 14.400 денари по хектар за користен сертифициран семенски материјал и 7.200 денари за без семенски материјал. Го зголемивме и скалестото рангирање од минимум 10 хектари на 20 хектари за исплата на 100% од субвенцијата. Дополнително доколку се користи семенски сертифициран ориз се добиваат 3.000 денари по хектар.