Кралев: Стоиме зад Законот за високо образование, а задача на Уставниот суд е да ја преиспитува уставноста

Министерот за образование и наука Панче Кралев изјави дека не сака да коментира постапки на Уставниот суд, кој вчера одлучи да закаже подготвителна седница за да се расчистат правните прашања околу две поднесени иницијативи за преиспитување на уставноста на измените на Законот за високо образование.

- Не би било коректно министер да ја оценува одлуката на Уставниот суд. Тоа е нивно право, ние ја следиме ситуацијата. Стоиме на располагање доколку од нас бидат побарани во текот на постапката дополнителни образложенија, факти, податоци... Задача на Уставниот суд е да ја преиспитува уставноста на сите донесени закони, а ние стоиме зад Законот за високо образование и сметаме дека е потребен. Ќе ја чекаме одлуката на Судот, изјави за медиумите Кралев, по промоцијата на изданијата на Скопскиот универзитет.

Ректорот на УКИМ Велимир Стојковски рече дека не би сакал да коментира се до завршување на постапката. - Во изминатиот период премногу се коментираше за тоа прашање и доби димензии кои не би требало да ги добие едно чисто академско прашање, рече Стојковски.

Уставниот суд вчера на седница расправаше за две иницијативи со кои се оспоруваат 19 члена од измените на Законот за високото образование, донесени од Собранието на РМ во мандатот на претходниот министер Никола Тодоров. Суштината на иницијативите е дали со одредбите на Законот се доведува во прашање автономијата на универзитетите.