Јанкулоска во Копенхаген ја потенцира заложбата на Македонија за заедничка соработка во сите сегменти на меѓународната миграција

“Република Македонија, како и повеќето европски земји, е изложена на растечка миграција во рамките на процесите на глобализација. Со оглед на значењето на миграционите текови и нивното влијание врз демографскиот и социо-економскиот развој, Република Македонија донесе неколку стратешки документи (Резолуција на миграционата политика),  со кои настојува на еден системски начин да се вклучи во процесот на изнаоѓање одговор на Европскиот глобален пристап кон прашањето на меѓународната миграција“, истакна меѓудругото министерката за внатрешни работи м-р Гордана Јанкулоска во своето денешно обраќање на Неформалниот состанок на министрите за внатрешни работи и за правда на земјите од ЕУ и земјите кандидати за членство во ЕУ што под покровителство на данското претседателство со Унијата денес и утре се одржува во Копенхаген.

Говорејќи околу миграциските текови, трендови и системски мерки околу миграциската политика, Јанкулоска потенцирајќи ја искрената заложба и цврстата увереност на Република Македонија за заедничка соработка во сите сегменти на меѓународната миграција, нагласи дека и Република Македонија со соочува со нагорниот тренд на миграционите токови особено на мигранти од Азија и Африка.

Исто така, министерката Јанкулоска се осврна и на проблемот на злоупотреба на визната либерализација како уште еден миграциски фенимен, околу чие превенирање и сузбивање Република Македонија континуирано работи во соработка со своите партнери од ЕУ. “За жал, анализата на наведената појава покажува дека во најголем број случаеви, истовремено се злоупотребува и важечкото законодавство и постапките за азил во определени земји членки на ЕУ, при што материјалните и сместувачките капацитети и можности претставуваат своевиден поттик за поднесување на неосновани барања за азил“, истакна Јанкулоска.