Трибина во Општина Могила: Голем интерес на земјоделците за договорно производство на сончоглед

Со трибина во Општина Могила започна кампањата за договорно производство на сончоглед, како заеднички проект на Владата на Република Македонија, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, земјоделците и откупувачот - АД „Благој Ѓорев“ од Велес.

Идејата е заедничка, а целта е да го зголемиме домашното производство на сончоглед. Климатско-почвените услови се на наша страна, но потребна е поголема организираност за повторно да ја вратиме оваа култура на македонските ниви. Земјоделците ќе имаат гарантиран откуп, откупувачот сигурна суровина, а за државата тоа значи намалување на трговскиот дефицит бидејќи ќе се намали одлевањето на девизи за увоз на суров сончоглед.

Директорот на АД „Благој Ѓорев“ - Горанчо Лазов на трибината ја потенцираше важноста од поголем развој на договорното производство на сончоглед за сите чинители во овој процес.

“Многу пати кога сум ги слушал земјоделците како се жалат за цената на пченицата и јачменот, сум се прашувал зошто не садат сончоглед кога ние можеме да го откупиме целиот род и да го платиме.  Капацитетот на фабриката е за преработка на 40.000 тони сончоглед, а ние од домашно производство преработуваме само 2.000 тони. Значи, шансата да се зголемат површините и производството се огромни, со тоа што ќе треба да се употребува квалитетно семе и да се извршат сите агротехнички мерки за да може да се добијат повисоки приноси. На тој начин пазарната цена ќе им  се исплати и на земјоделците, и нас како преработувачи” - рече Лазов.

На трибината се потенцираше и важноста од поголема вклученост на науката, со цел добивање повисок и поквалитетен производ, со поголема масленост на сончогледот.

“Досегашното искуство во производството на сончоглед покажа дека се намалуваа површините поради скапите репроматеријали како нафта, ѓубрива, заштитни средства што ги тераше земјоделците да штедат во извршување на сите потребни агротехнички мерки. Тоа доведе до ниски приноси и неисплатливост на производството. Затоа, сметам дека е потребно да се зголемат субвенциите за сончогледот и да се употребува квалитетно семе со што ќе се зголеми приносот и квалитетот на сончогледот” - изјави проф.д-р Златко Арсов од Факултетот за земјоделски науки и храна.

Земјоделците кои присуствуваа на трибината со особено внимание ги следеа излагањата на сите релевантни чинители во процесот, а се вклучија и со прашања кои беа во интерес на поголема успешност на кампањата за договорно производство на сончоглед.

“Потребно е да имаме повеќе земја за обработка и да се покачат малку субвенциите за да може да имаме пари да го наѓубриме и да го заштитиме сончогледот, оти само така може да имаме повисоки приноси. Инаку идејата е добра, ја прифаќаме и сме задоволни што владата стои до нас и не поддржува. Веруваме дека заеднички ќе имаме резултати.” - изјавија претставници на земјоделците.

На трибината се поставија и други конструктивни прашања на кои одговараа претставници од МЗШВ, Агенциите за финансиска поддршка на земјоделството и за поттикнување на развојот на земјоделството, како и Државниот инспекторат за земјоделство. На средбата со земјоделците присутни беа и странски експерти и претставник од реосигурителната компанија Европа РЕ.