Измените на Законот за судови и Законот за Судски совет оваа недела влегуваат во собраниска процедура. Препораките од Венецијанската комисија - имплементирани во законите.
Oва го најави министерката за правда проф. д-р Рената Дескоска на денешната тркалезна маса на која беше презентирана работната верзија на анализата за проценката на влијанието на регулативата на Законот за судови, во организација на Институтот за европска политика (ЕПИ).
- Речиси сите препораки на Венецијанската комисија коишто досега се дадени се имплементирани. Дополнителните препораки кои ги добивме од Венецијанската комисија овој месец се имплементирани. Со целосно затворен пакет одиме во Собранието на Република Македонија. Се надевам дека сите 120 пратениците ќе имаат доблест и сила да ги поддржат овие измени, бидејќи тие се веќе верификувани од Венецијанската комисија, којашто ја цени усогласеноста на законската регулатива со европските стандарди - потенцираше министерката за правда проф. д-р Рената Дескоска.
Како клучни измени во делот на Законот за судови, министерката Дескоска ги наведе измените коишто се однесуваат на основите за утврдување дисциплинска одговорност кај судиите.
- Венецијанската комисија, уште во 2015 година, има дадено препораки за прецизирање на основите за дисциплинска одговорност со цел да се овозможи независност на судиите, но секако и одговорност за нивно непрофесионално работење, истакна министерката Дескоска.
Клучните измени на Законот за Судскиот совет, е основата за утврдување на одговорност на членовите на Судскиот совет за нивното работење. Се поедноставуваат постапките за утврдување на дисциплинска одговорност, но и разрешување на судиите. Министерката Дескоска очекува и овој закон да биде усогласен со европските стандарди.
Целта на измените на законодавството е да направиме усогласување со европските стандарди, целосно имплементирање на овие стандарди и да ја покажеме политичката волја - истакна Дескоска.
- Овој месец, донесов решение за надзор над работењето на АКМИС системот во 16 судови, кој ќе се спроведува во текот на целата наредна година. Континуираниот надзор е стратешка определба на Владата на Република Македонија, и тоа ќе почнеме да го реализираме наредната година, најави министерката Дескоска.