Корупцијата ги засега сите и доведува до слаби институции, непочитување на човековите права, неправда, организиран криминал, нестабилност, небезбедност, незадоволство, нетрпеливост, гнев, изгубен просперитет, загрозена животна средина.
Министерката за правда, Рената Дескоска денеска се обрати на конференцијата посветена на Меѓународниот ден на борбата против корупцијата насловена „Итни реформски приоритети: Зајакнување на институционалната рамка во борбата против корупцијата. Има ли напредок?“, која се одржа денеска во организација на Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата, со поддршка на УСАИД. Во прилог го пренесуваме интегрално обраќањето на министерката Дескоска:
„Темите поврзани со борбата против корупцијата се особено значајни во процесот на реформи кои се одвиваат во Република Македонија.
Пред неколку години, како опозиција, се осмеливме и обелоденивме бројни корупциски скандали кои силно одекнаа и ги охрабрија граѓаните да побараат смена на власта. Бескомпромисната борба против корупцијата беше едно од нашите клучни, ако не и најважно изборно ветување. Оваа борба не завршува со борба против корупцијата од минатото, туку треба да продолжи и со борба против евентуална корупција денес и во иднина – како што им ветивме на граѓаните. Борбата против корупцијата не познава поделби на наши или ваши, туку на чесни и нечесни, на оние кои ќе работат во интерес на граѓаните и владеењето на правото, и оние кои тоа не се.
Бескомпромисна борба против корупцијата ќе постигнеме само со независно, транспарентно и отчетно судство и обвинителство, со непартизирана антикорупциска комисија и со капацитетни институции.
Сите реформи коишто ги водиме во Министерството за правда се во насока на создавање силни и независни институции и механизми за борба против корупцијата.
Тоа го правиме преку реформирање на трите столба за борбата против корупцијата: Судството, обвинителството и антикорупциската рамка.
Како што е забележано со „извештајот на Прибе“, во антикорупцискиот систем постојат слабости кои се однесуваат на регулаторни и институционални капацитети на сите нивоа и постојат перцепции за политички именувања и назначувања со цел контрола на независните тела од страна на политичките партии.
Експертите укажуваат на потребата ДКСК да биде зајакната за да ги остварува свои надлежности за борба против корупцијата без политички влијанија.
За таа цел, работна група формирана од Министерството за правда, изготви нова антикорупциска рамка: Предлог на закон за спречување на корупција и судир на интереси, користејќи како основа нацрт текст изработен од страна на експерти во рамки на проект на Меѓународниот републикански институт (ИРИ).
По спроведувањето на консултативниот процес, Предлог законот од ноември месец оваа година, утврден од Владата во ноември оваа година, е во собраниска процедура.
Во меѓувреме, овој Закон го пративме на експертска евалуација од страна на експерти од Европската унија, и добивме сериозни укажувања дека станува збор за подобрена законска рамка којашто покажува посветеност на Владата во создавање на правни норми коишто ќе дадат можност за создавање на капацитетни институции во борбата против корупцијата. Одредени сугестии коишто се дадени за подобрување на законската рамка во текот на собраниската процедура ќе бидат имплементирани преку амандмани од страна на пратениците.
Со одредби од Предлог законот, се адресираат добиените препораки кои се однесуваат на условите за избор, именување и разрешување на претседателот и членовите во состав на ДКСК, развојот на анти-корупциската програма и пријавувањето и проверката на имотната состојба и интересите на избраните и именуваните лица.
Се предлагаат зајакнати услови за избор и именување на претседателот и членовите на ДКСК и јасни услови за престанок на мандатот и разрешување на претседателот и членовите на ДКСК. Еден од условите за избор на претседател односно член на ДКСК е лицето во последните десет години да не било пратеник, член на Владата, да не било донатор на политичка партија или да не вршело функција во органи на политичка партија. Со тоа ја покажуваме волјата и желбата за целосна департизација на овој орган.
Се предвидува транспарентна постапка за избор на кандидати за претседател и членови на ДКСК, во која се вклучуваат како учесници во интервјуто претставници на Народниот правобранител на Република Македонија, Македонската академија на науките и уметностите, Интеруниверзитетската конференција, здруженија на новинари, други здруженија и фондации. Целта е преку еден транспарентен процес да се изврши евалуација на кандидатите коишто се пријавиле да бидат членови и претседател на оваа антикорупциска комисија
Понатаму, се предлага зајакнување на надлежностите на ДКСК, особено со воведување на надлежноста за следење на законитоста на финансирањето на политичките партии и изборните кампањи и пристап на ДКСК до разни бази на податоци коишто постојат во различни институции со цел самата да може преку вкрстување на тие податоци да ја следи имотната состојба на функционерите и политичките партии и ова е еден од аспектите коишто особено се потенцира како позитивен во извештајот којшто го добивме од страна на европските експерти.
ДКСК, како специјализирана независна институција за превенција на корупцијата, е само една од позначајните специјализирани институции од анти-корупциската институционална рамка во Република Македонија.
Покрај улогата на ДКСК, во рамките на реформите коишто ги водиме земаме предвид дека одредени позитивни исчекори коишто беа направени во изминатиот период од страна на одредени институции треба да бидат зачувани и поддржани и овде најмногу мислам на СЈО, но и добрите искуства од градењето на оваа институција во нејзиното функционирање да бидат пресликани и пренесени во другите јавни обвинителства со цел да создадеме повеќе капацитетни институции во борбата против корупцијата.
Во тој дел, веќе се објавени Законот за СЈО и Законот за Јавното обвинителство и ирелевантно е дали ќе биде еден или два закони, она што е битно е надлежностите коишто ќе бидат предвидени и трајноста на органот којшто треба да води ефикасна борба против корупцијата.
Од исклучителна важност се воведувањето на стандарди во управувањето, спроведувањето на работните процеси и давањето на услуги за граѓаните, јакнењето на свеста за превенција на корупцијата и судирот на интереси, како и унапредувањето на транспарентноста и отчетноста на институциите.
Во рамките на борбата на корупцијата, можеби не се перцепира како тесно поврзан, но за мене е исто така значаен Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, бидејќи транспарентноста е еден од клучните предуслови за вистинска борба против корупцијата.
Во овој Закон, се предлага намалување на исклучоците од слободен пристап до информации и скратување на рокот за одговор по барање за информации, бидејќи некогаш закаснетата информација значи губење драгоцено време за реакција во одредени ситуации. Исто така, ги вклучуваме на политичките партии како иматели на информации во делот на нивните приходи и расходи и трансформација на Комисијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер во Агенција којашто покрај останатите надлежности ќе има надлежност да води прекршочна постапка и да изрекува прекршочни санкции за прекршоците утврдени со Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.
Свесни сме дека успешната борба против корупцијата е формален услов за пристапување во Европската Унија, и во таа насока имаме партнери во Европската унија. Но, она што сме уште повеќе свесни е дека од формалните услови од Европската унија зависат суштински услови за создавање пристоен живот во Република Македонија, за враќање на владеењето на правото и враќање на довербата на граѓаните во институциите, бидејќи граѓаните се оние коишто првенствено ја дале довербата на политичките партии да ги водат институциите и затоа треба да создадеме капацитетни институции во коишто граѓаните ќе веруваат без оглед која политичка партија е на власт“.