Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, даде изјава по работниот ручек со високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ со лидерите од Западен Балкан, билатералната средба со европретставничката Могерини, како и средбата со претседателот на Европскиот Совет, Туск.
Во изјавата, премиерот Заев соопшти дека Македонија од претседателот на Европскиот Совет, Доналд Туск ја има поддршката за храброто лидерство што води кон успешно завршување на политичките процеси во насока на отпочнување преговори со ЕУ во јуни 2019 година.
Премиерот Заев рече дека таква поддршка е изразена и од претставничката за надворешна и безбедносна политика, Могерини. На средбата со Могерини посебно е дадена поддршка за донесениот Закон за амнестија и е нагласено помирувањето како важно за успешна реализација на процесите, како и за граѓаните во државата.
Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, за работниот ручек што го организираше европската претставничка, Могерини, со лидерите на Западен Балкан, рече дека поминал со изразена заедничка согласност за решавање на билатералните прашања во духот на регионалната стабилност, при што било констатирано дека државите можат да си помогнат едни на други во процесите.