Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, денеска ги потпиша договорите за доделување концесија на рибите за организирање на рекреативен риболов за 6 рекреативни зони односно акумулации. Овие договори се дел од трите постапки за доделување на риболовни концесии кои беа донесени со одлука на Влада. Во оваа постапка беа опфатени 19 риболовни води, односно 6 риболовни ревири и 13 рекреативни зони, од кои денеска се потпишаа шест договори. Станува збор за акумулациите Стрежево, Козјак, Мантово, Паљурци, Мавровица и глобочица.
Инаку, Владата на годинава донесе Одлуки за започнување на три постапки за доделување концесија на рибите за организирање на рекреативен риболов во кој беа опфатени 47 риболовни води од кои 28 за риболовни ревири (реки) и 19 рекреативни зони (акумулации).
Од нив, во првата постапка беа опфатени 17 риболовни реки и три акумулации, за кои што во јуни годинава се склучија 14 договори. Со втората постапка се опфатени 19 риболовни води, од кои денеска се потпишаа шест договори за акумулации.
Третата и последна постапка е во тек и во истата се опфатени 10 риболовни води. Во оваа постапка покрај доделувањето концесија за организирање рекреативен риболов на 5 риболовни ревири и 3 рекреативни зони, започната е и постапка за доделување концесија за вршење на стопански риболов на двете риболовни подрачја Охридско Езеро и Дојранско Езеро, за што до крајот на месец јануари следната година се очекува да склучат договорите. Јавното отворање на понудите од третата постапка беше на 24 овој месец. По евалуацијата на понудите ќе се поканат сите понудувачи кои имаат доставено комплетни и прифатливи понуди да учествуваат на електронска аукција. Критериумот за избор и на оваа постапка како и не предходните две е највисокиот понуден концесиски надоместок. По завршувањето на оваа постапка, следната година се предвидува започнување на нова постапка со која што ќе се опфатат сите риболовни води за кои во постапките од 2018 година немаше заинтересирани понудувачи или немаше доставено прифатливи понуди. Владата на Република Македонија ќе се заземе за што побрзо реализирање на оваа активност во 2019 година, со што на големиот број рекреативни риболовци ќе им се овозможи непречено да излезат на риболовните води, а на концесионерите преку заштита и порибување на водите да ја остварат и целта на концесијата - трајно користење на рибите преку одржлив развој, односно нивна заштита, зачувување на загрозените видови, како и видосвата разновидност, старосна структура и бројност.
Согласно Законот за рибарство и аквакултура рибите од риболовните води за организирање рекреативен риболов се доделуваат на користење по пат на концесија за период од шест години. Основна цел на доделување на концесијата на рибите е создавање на услови за организирање рекреативен риболов, односно овозможување на вршење заштита и користење на рибите преку планско експлоатирање на одржлив начин.